Веќе деветти месец Собранието бега од предлог-законот за антидискриминација доставен од Владата.
– Колегата Влатко Ѓорчев веќе неколку месеци не го става на дневен ред на собраниската комисија каде е претседател – зборуваше заменик членот на Комисијата за труд и социјална политика, Маја Морачанин.
Но, проблем има и кај други партии.
– Точно е дека во ДУИ се уште постојат тие дилеми, постојат и во другите политички партии, но сметам дека треба да се остави простор да разговараат и да се постигне решение – вели вицепремиерот Бујар Османи.
Невладиниот сектор обвинува дека политиката прави злоупотреба на текстот и покрај декларативната поддршка.
– Цело тежиште беше ставено на сексуалната ориентација, родовиот идентитет и унапредување на правата на ЛГБТ луѓето, што е само еден аспект на текстот на новиот закон – смета Наташа Бошкова од коалицијата „Маргини“.
Новиот закон за антидискриминација – во расчекор меѓу локалниот партиски конзерватизам и усогласување со регулативата на ЕУ. Кој го кочи, а кој може да го откочи процесот?
На 19 јуни 2018-та година, Владата објави дека министрите го прифатиле предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, изработен од Министерството за труд и социјална политика. Неколку дена подоцна текстот стигна до Собранието и заглави во фаза на прво читање. Претседателот на Комисијата за труд, Влатко Ѓорчев, и ден денес одбива да го стави на дневен ред.
– Во неколку наврати комунициравме, едноставно тој вели дека за него тој закон е проблематичен и дека не може да го стави на дневен ред – објаснуваше претходно Морачанин.
Од пристигнувањето на предлог-законот па досега одржани се 9 седници на собраниската комисија за труд и социјална политика.
Ова работно тело брои 12 члена, од кои 4-ца пратеници од СДСМ, 5-мина од ВМРО ДПМНЕ и по еден од ДУИ, БЕСА и ПЦЕР. Кога на една од седниците пратеничката Морачанин предложила законот да се стави како прва точка на дневен ред, мнозинство составено од ВМРО ДПМНЕ но и од ДУИ и ПЦЕР било против.
– Тоа беше безуспешно, немаше поддршка за да се стави законот на дневен ред, потоа едноставно некако се одложуваа Комисиите и мој личен впечаток е дека практично се немаше волја овој закон да биде ставен на дневен ред и да се отвори дискусија по тоа прашање – се потсетува Морачанин.
Хронологијата, но и други факти покажуваат дека основниот проблем е што владејачката ДУИ нема усогласен став за ова прашање. Проблемот стана уште повидлив кога во јануари годинава вицепремиерот за евроинтеграции кажа дека има спорни моменти во текстот.
„Па зборувам за ЛГБТ заедница, меѓутоа и други спорни категории на кои што сега не можам да се сетам. Не треба да се притиска ова решение се додека овие предрасуди не се разговараат и со електоратот и со партиите кои што го претставуваат тој електорат“ – изјави виџепремиерот Османи пред еден месец.
Три дена подоцна Османи изјави дека бил погрешно протолкуван.
– ДУИ го поддржува овој Закон и ќе гласаме за поддршка на Законот. Јас мислам дека и електоратот и луѓето созреваат во однос на ова прашање и ДУИ го рефлектира тој став и дава поддршка – порача Османи.
Но, од тој момент помина повеќе од еден месец, а законското решение никако да дојде на дневен ред во матичната собраниска комисија.
Ниту еден пратеник од ВМРО ДПМНЕ, ДУИ, независната пратеничка група не сакаа или немаа време јавно да го артикулираат ставот за новиот закон, иако дел од нив ни рекоа дека кога ќе дојде на пленарна седница, законот ќе го поддржат.
Неофицијални информации говорат дека од ВМРО-ДПМНЕ барале во законот да се внесе дефиницијата дека бракот е заедница меѓу еден маж и една жена, како гаранција дека наведувањето на сексуалната ориентација како основа за забрана од дискриминација, не е вовед во хомосексуални бракови со право на посвојување деца.
За Наташа Бошкова од коалицијата „Маргини“, ова можно решение не е иделано, но не и целосно неприфатливо.
Сметам дека едно прашање кое веќе е регулирано во Закон за семејство да се регулира и во Закон за спречување и заштита од дискриминација, но ако тоа е картата за донесување на квалитетен закон каков што имаме во моментот како предлог закон, па и зошто да не – велат од Коалицијата „Маргини“.
Според Бошкова, многу поважно е што со одложувањето на носењето на Законот, се одложи и формирање на нова Комисијата за заштита од дискриминација. А токму во овој период таа Комисија му ја даде визата на Никола Груевски за азил во Унгарија, со мислењето дека е политички дискриминиран.
– Сега е прецизирано 7 години работно искуство во областа на човековите права од кои 5 во областа на дискриминација. Така што овој критериум од страт би елиминирало да добиеме неквалитетни членови на Комисијата. Секако не можеме целосно да политичките и партиските влијанија на членовите кои би ги избрале имајќи предвид дека нив ги бира мнозинството на пратеници кои се пратеници од владејачките партии – смета Бошкова.
Еден од начините предлог-законот да ја почне процедурата на усвојување е претседателот на Собранието Талат Џафери да го замени Влатко Ѓорчев на позицијата претседател на Комисијата за труд, ако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ одбие барање од спикерот да свика седница за Законот за антидискриминација.
– Ние дискутираме околу тоа да се надмине ова блокирање на законот да претседателот на Собранието назначи претседавач и да се стави точката на дневен ред и да се разгледува и мислам дека во таа насока понатаму ќе се одвива самиот процес. Тоа е деловничка можност и било пракса заради други основи во Собранието, не е нешто невообичаено – смета Морачанин.
Новите информации велат дека на крај е избрана варијанта со која ќе се заобиколи собраниската Комисија за труд и социјална политика со која претседава Влатко Ѓорчев. Владата најверојатно утре (05 март 2019) повторно ќе го усвои предлог-законот со европско знаменце и ќе побара од парламентот овојпат да го усвои во скратена постапка. Во новиот обид, законот ќе оди само на Комисијата за европски прашања, пред да пристигне на пленум – како начин да се усвои пред изборната пауза на Собранието.
Напишете коментар