Лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев денеска од Охрид повтори дека е оптимист дека до 12 идниот месец Собранието ќе ги донесе сите неопходни законски решенија, меѓу кои и законот за јавното обвинителство за кој е неопходно двотретинско мнозинство.

„Тоа е комплексен закон што и е потребен на земјата во европските интеграции. Тука сум на располагање да разговарам со сите за да изнајдемем решение. Сега сме растоварени затоа што предметите од СЈО се обезбедени, се во судска постапка под контрола на државниот јавен обвинител. Во вакви услови можеме да договориме структурно, суштинско решение за јавното обвинителство што би било поддржано од сите. Навистина верувам дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство заради обврската и одговорноста што ја имаме пред народот и државата“, рече Заев.
Доколку е потребна лидерска средба, таа според него би требало да се одржи следната седмица, но според Заев за овој закон не се битни само ставовите на најголемите политички партии, туку и на помалите, на независната пратеничка група, за да може сите да дадат свои сугестии.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека засега не е потребна лидерска средба, туку прво да се усогласи законското решение во работните групи, кое според него мора да биде пред се европско и реформско.
„Ова што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ што после 12 април ќе заминат во опозиција. Така што ако треба да се одржи средба само ради средба, немам намера да го губам времето. Тука се работните групи, во неделата што следи претпоставувам дека ќе имаат состанок и доколку ги приближат ставовите тогаш можеме да зборуваме за одржување лидерска средба“, рече Мицкоски.