Партијата вели дека ќе ги достави своите предлози во владата, а покрај за Тик-ток се бара и забрана на игри апликации кои промовираат насилство и построга контрола на филмовите. ЛДП има и иницијатива за најостра контрола на издавањето и поседувањето огнено оружје, но и проверка на оние кои веќе го поседуваат. Исто така, предлага и забрана за малолетници да вежбаат на стрелишта

Пратеничката и лидерка на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, бара забрана за Тик-ток во земјава.
Такво, но и низа други предлози партијата, која е дел од владејачката коалиција, ќе достави до Владата. Меѓу предлозите се и забрана на игри и апликации кои промовираат насилство.
„Особено е потребна е забрана на Тик-ток како и останатите социјални мрежи кои поттикнуваат насилство бидејќи и во нашата земја сведочевме на жртви од користењето на овие мрежи. Забрана и контрола на симнување на игри, содржини и апликации кои експлицитно покажуваат и поттикнуваат насилство. Исто така, ЛДП преглед и контрола на филмови кои можат особено кај помладите луѓе да поттикнат насилство, манипулативно да бидат употребени во пропагандистички цели со величање на насилството“,
рече Зајкова денеска на 16. Конгрес на младинската организација на ЛДП.
Таа вели ваквите предлози не значат цензура на уметноста и посочува дека имаме слични пример, како што е Франција каде е формирана Комисија за категоризација на филмови која годишно прегледува околу 600 филмови, и проценува дали содржината на филмот, па дури и анимираните филмови, не се штетни за децата и не поттикнуваат насилство.
Покрај споменатите предлози, ЛДП има и иницијатива за најостра контрола на издавањето и поседувањето огнено оружје, но и проверка на оние кои веќе го поседуваат. Исто така, предлага и забрана за малолетници да вежбаат на стрелишта и казни за родителите кои ги мотивираат децата да ракуваат со оружје.
Зајкова вели дека не смееме само да седиме шокирани и тивко да тагуваме по двата масакри во Србија во кои беа убиени вкупно 17 лица.
„Оваа спирала на насилство извршена од млади лица мора да го вклучи црвениот аларм и кај нас и потребно е преземање на итни и ефикасни превентивни мерки за да се спречи врсничкото насилство, грозоморните слики од убиени и повредени“,
истакна Зајкова денеска.