„Имаме ли гаранции дека антибугарската кампања во Скопје ќе престане? Дали Република Северна Македонија повеќе нема да ги прогонува своите граѓани со бугарска самосвест? Дали на граница нема да попречуваат влез на бугарски книги? Дали нема да ги попречуваат бугарските инвеститори? Дали ќе емитуваат бугарска телевизија? Дали ќе запрат со црната кампања против Бугарија низ цела Европа? Јас овие гаранции не ги видов“, коментира Захариева
Поранешната шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, вели дека предлогот кој утре во Софија ќе го донесат министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, а со кој би се одблокирал пристапниот процес за Северна Македонија, не ја задоволува рамковната позиција на Бугарија.
Таа вели дека целта на утрешната посета е јасна – претседателот Румен Радев и техничката влада што тој ја назначи да ја одобрат Преговарачката рамка за Северна Македонија за да може да се одржи првата меѓувладина конференција и де факто да почнат преговорите за членство со ЕУ. Меѓутоа, според неа, во предлогот што го носат европските претставници ги нема потребните гаранции.
„Обидот за компромисен предлог е јавна тајна во Брисел и тој циркулира низ ходниците на Европската комисија и Советот. Се запознав со него и ќе си дозволам однапред да го коментирам. За жал, предлогот повторно не одговора на рамковната позиција на Бугарија, прифатена од Владата и едногласно усвоена во парламентот, бидејќи во него нема никакви гаранции дека нашите соседи ќе ги прифатат европските вредности. Имаме ли гаранции дека антибугарската кампања во Скопје ќе престане? Дали Република Северна Македонија повеќе нема да ги прогонува своите граѓани со бугарска самосвест? Дали на граница нема да попречуваат влез на бугарски книги? Дали нема да ги попречуваат бугарските инвеститори? Дали ќе емитуваат бугарска телевизија? Дали ќе запрат со црната кампања против Бугарија низ цела Европа? Јас овие гаранции не ги видов“,
коментира Захариева на Фејсбук.
Таа вели дека утре со интерес ќе ги следи разговорите кои ќе се одвиваат за време на посетата на Силва и Вархеји и порачува дека бугарската дипломатија и под нејзино раководство била за проширување на ЕУ, но не на штета на некоја земја членка.
„Ние го признаваме правото на самоопределување на граѓаните на Република Северна Македонија, како и нивното право да го нарекуваат својот јазик како што сакаат, но исто така е потребно е тие да го признаат нашето заедничко минато. Само тогаш ќе можеме да одиме заедно напред“,
порачува Захариева.
По Софија, како што веќе објавивме, втора станица на Силва и Вархеји ќе биде Скопје.
Иако во Софија има техничка влада и земјата е пред нови избори, проценката кај многу земји членки на ЕУ, вклучувајќи го и претседавачот Португалија, е дека ако нема придвижување во јуни, процесот може да остане блокиран на подолг рок. Тоа, пак, оди на штета на кредибилитетот и интересите на ЕУ во регионот, а негативно влијае и на стабилноста и кревките демократии во државите од Западен Балкан.