Европската Унија мора да покаже поголема ангажираност во земјите од Западен Балкан со цел да ја стимулира нивната евроатлантска интеграција, порачаа бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и Метју Палмер, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија и специјален претставник на Стејт департментот за Западен Балкан на средбата во Софија.
„Граѓаните во земјите од Западен Балкан треба да почувствуваат што прави Европа за секој од нив поединечно“, рече Захариева. Таа истакна дека бугарската надворешна политика е исклучително фокусирана на евроатлантските интеграции на Западен Балкан, не само затоа што шесте земји се непосредни соседи на Бугарија туку и затоа што е важна за просперитетот и безбедноста на целата Европска Унија.
Како што јави БГНЕС, Захариева и Палмер изразиле разочарување од одлуката на Европскиот совет да не одреди датум за почеток на преговори за членство со Северна Македонија и Албанија. Тие се согласиле дека таквата одлука е неопходна, колку што е можно побргу, во рамките на хрватското претседателство на Советот на ЕУ, затоа што е важно за довербата и популарноста кои ЕУ и евроатлантските вредности ги имаат не само во овие две држави туку и во целиот регион на Западен Балкан.