Деловните луѓе да не ја пропуштат можноста да купат парцела во атрактивната индустриска зона „Новине“ кај Куманово и што поскоро да започнат да ги градат своите производствени капацитети, вели премиерот Зоран Заев.
Тој денеска заедно со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, ја посети зоната која се наоѓа на пет километри од српската граница на површина од 64 хектари.
Премиерот Заев ги повика бизнисмените да инвестираат во уредената зона, а општината може да очекува развој преку инвестициите на бизнисмените.
„Првата порака што сакам да ја испратам до кумановци, до целиот регион, деловните луѓе да не ја пропуштат оваа можност и да купат своја парцела овде, којашто секако е со поволни цени и да почнат да ги градат своите идни производствени капацитети. Отворена е за сите други бизнисмени од Скопје, од целиот регион, од цела Република Северна Македонија, веројатно и странски инвестиции очекувам да се јават овде, затоа што Коридорот 10, Коридорот 8 се вкрстуваат буквално тука“,
рече премиерот.
Според него, локацијата на зоната не е важна само за државата туку за целиот регион и за Југоисточна Европа.
Според Заев, државата ќе продолжи со поддршката во зоните, а оние што инвестираат во технолошко-индустриските зони да добијат поддршка и до 50 проценти, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Фондот за иновации и технолошки развој.