За изјавата на Пендаровски во врска со осудените за настаните во парламентот на 27 април 2017 година, Заев рече дека тука не станува збор за ново помилување, туку дека секој има право да побара ново судење доколку има нови докази и аргументи
Средбата на претседателот Стево Пендаровски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски може само да биде од корист, нема зијан од тоа, изјави денеска премиерот Зоран Заев коментирајќи за најавеното „одмрзнување“ на односите меѓу шефот на државата и опозицискиот водач.
„Нека има дијалог, Од тоа нема зијан. Гледате, мојата средба со Мицкоски, а потоа и со Зијадин Села и со Африм Гаши даде делумни резултати. Го одложивме пописот, почна набавката на скенерите за отпечатоци, а за возврат очекуваме деблокада на работата на парламентот. Така, се донесе петтиот пакет антикризни мерки, иако и тогаш требаше да доаѓаат во Собранието пратеници во скафандери“,
рече Заев откако денеска се вакцинираше против ковид-19.
На прашање за изјавата на Пендаровски во врска со осудените за настаните во парламентот на 27 април 2017 година, Заев рече дека тука не станува збор за ново помилување, туку дека секој има право да побара ново судење доколку има нови докази и аргументи.
„Сме разговарале на таа тема со претседателот. Тој кажува отворено, а тоа е и мојот став дека секој може да побара постапка за ново судење ако има нови моменти или докази. Тука во никој случај не станува збор за помилување или за амнестија, туку за законски можности и за принципиелност“,
рече Заев.
Во врска со разговорите со Алијанса за Албанците/Алтернатива за деблокада и на законот за државјанство, но и на Собранието, Заев рече дека вчера се одржала последната средба на таа тема и дека од политички аспект работата е расчистена. Сега, како што рече, останува МВР и пратениците на Алтернатива/Алијанса да го допрецизираат новото законско решение и тоа да добие поддршка и од владејачкото мнозинство. Заев посочи дека првичното решение што го понудила опозициската коалиција е преработено и дека е расчистено што е уставно, а што не.
