Зборувајќи за спорот со Бугарија и патоказот за исполнување на обврските од Договорот за добрососедство, премиерот Зоран Заев откри дека тој денеска е доставен на увид во стручните служби во Министерството за надворешни работи. Гаранциите, рече тој, се однесуваат на поефикасна реализација на билатералниот договор.
„Планот е денеска споделен на увид помеѓу сите стручни служби во МНР. Се работи за патоказот, секторската соработка која треба да биде утврдена како одговор за да може да подготвиме и следна меѓувладина конференција. Тоа е многу важно. Кога зборува Бугарија за гаранциите, зборуваме и ние, тие се добробит на двата народа и двете земји, а тоа е уште поефикасна реализација на Договорот, што значи побрза изградба на железницата помеѓу Куманово и бугарската граница, од друга страна од Бугарија кон граничниот премин Клепало кај Берово. Посериозна соработка помеѓу институциите, за која може да видите овие неколку месеци како ги имаме секојдневните соработки“,
рече Заев.
Премиерот нагласи дека техничката влада во Софија има уставна можност да донесе одлука и тоа е она што тој го очекува. Сепак, уште еднаш повторни дека иако има шанси за да се направи исчекор во евроинтеграциите на 22 јуни, во случај тоа да не се оствари, тука е септември кога во Бугарија треба да има политичка влада.
„Јас верувам дека сега под раководство на двајцата министри за надворешни постои можност да се усогласат деловите кои е важно да ги усогласиме за да добиеме шанса за 22 јуни, кога е Советот на општите работи за да може да се донесе одлука. Секако, очекувањата треба бидат приземјени. Бугарија има техничка влада и лесно е за разбирање целото ова, но не е невозможно. Тука доаѓа и септември, затоа што август и септември ќе има веќе политичка влада која би можела да носи одлуки. Но, ако се договориме, би било супер“,
изјави Заев.
Тој уште еднаш повтори дека португалскиот предлог е добра основа и претставува креативно решение со кое се водела сметка и за двете страни.