Премиерот и денеска повтори дека ќе се почитуваат меѓународните договори, но дека сè додека некој не достави материјали, државата стои зад своите граѓаните. Исто така, потсети дека станува збор за дипломат кој е активен од времето на ВМРО-ДПМНЕ
Никој не треба да прогласуваме за виновен додека тоа не се докаже, но ако некој го прекршил законот треба да одговара, вели премиерот Зоран Заев во врска со дипломатот кој беше приведен во Србија по распишана меѓународна потерница од Ерменија.
Заев вели дека власта нема детали за случајот и Ерменија била непозната земја за нас, па додека не се запознаат со предметот не сака да коментира.
„Штом има прифатено меѓународна потерница, тоа значи дека една држава веќе издала правен акт, тоа е Ерменија. И тоа е докажано само во таа држава. Наше е прво да го видиме предметот и доказите. Се што знам јас е од медиумите, затоа што ние немаме добиено предмет и не е мое да коментирам детали, но она што ќе кажам е дека секој треба да си одговара доколку го прекршил законот и дома и надвор од државата. Но, да видиме прво за што се работи, се работи за земја која не ни е позната, не е од соседството, не ги знаеме деталите. Јас првпат се научив дека таму имало некоја власт која се сменила, па некој брат на бивши претседател … Навистина ни е непознато дури и на нас политичарите, а камоли на граѓаните. Штом ќе бидат познати деталите ќе бидат објавени во јавноста“,
изјави Заев.
Премиерот и денеска повтори дека ќе се почитуваат меѓународните договори, но дека сè додека не некој не достави материјали, државата стои зад своите граѓаните. Исто така, потсети дека станува збор за дипломат кој е активен од времето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се работи за наш граѓанин и апсолутно ние стоиме зад секој наш граѓани сè додека некој не ни достави материјали дека направил некое кривично дело надвор од државата. Второ, дипломатите своите работи ги завршуваат дел дома во МНР и дел во нашите амбасади, тие се на ниво на амбасадор-советник, амбасадор-соработник и слично. Тоа што знам е дека овој човек бил доста активен и во времето на ВМРО-ДПМНЕ, и на Антонијо Милошоски и на Никола Поповски како министер, тогаш бил и назначен во ОБСЕ по различни линии. Гледате дека и активен човек во времето на ВМРО-ДПМНЕ бил испраќам понатаму на мисии“,
рече Заев.
Дипломатот Миле Миленковски, кој беше заменик-амбасадор на Северна Македонија во ОБСЕ, Виена, беше уапсен во Србија на 27 август. Од МНР ја ставија неговата функција во мирување и рекоа дека тие не биле запознаени со случајот сè додека кај нив не стигнало известување од Србија за приведувањето. Исто така, рекоа, немале добиено ниту службена информација од властите во Ерменија.