Во контекст на внатрепартиските избори, Заев денеска сатирично коментираше и за најавите на Боки 13 дека ќе се кандидира за лидер на СДСМ, па порача дека прво мора најмалку пет години да е член на партијата, а може, како што рече, да се соберат и членови на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе му дадат поддршка
Додека опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците излегуваат со изјави дека се отворени сите опции во однос на коалицирање за локалните избори наесен, лидерот на најголемата владејачка партија, Зоран Заев, не очекува социјалдемократите да дебатираат и да одлучуваат околу ова прашање пред мај.
Ваквите негови најави се од причина што прво претстојат внатрепартиски избори за нов лидер, на кои тој ќе побара нов мандат, како и конгрес на СДСМ во април или во мај.
„Многу е рано. Понекогаш на некој од состаноците се нафрлаат вакви теми заради тоа што следно што доаѓа пред политичките партии се локалните избори. Тие се многу различни од парламентарните и претседателските и тука ќе се градат стратегии. СДСМ ќе ја отвори оваа работа во јуни-јули, кога ќе ги разгледува и кандидатите за градоначалници и советници и можните коалиции. Затоа што, освен што на 21 март ќе биде изборот за претседател на партијата, некаде кон крајот на април, а може и почетокот на мај ќе имаме конгрес на партијата, каде што ќе се избираат Надзорниот и Централниот одбор, од кои се избираат Извршниот одбор, потпретседателите, генералниот секретар… Така што пред мај не очекувам какви било дебати по ова прашање“,
изјави Заев.
Сепак, пред два дена тој имаше изјава во која даде јавна поддршка за нов мандат за неколку градоначалници на СДСМ.
Во контекст на внатрепартиските избори, Заев денеска со сатиричен коментар се осврна на најави дека Бојан Јовановски-Боки 13 ќе се кандидира за лидер на СДСМ, па порача дека прво мора да има најмалку пет години членство во партијата, а може, како што рече, да се соберат и членови на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе му дадат поддршка
„Прво треба да си направи реевиденција, да биде член, потоа да има најмалку 5 години членство, а може да се собере и членство на ВМРО-ДПМНЕ кое ќе застане зад Бојан Јовановски и да направат пресврт. Секако, сето тоа е една сатира. Бојан Јовановски е таков како што е, го знаеме сите во државата. Жалам што луѓе наседнале на неговиот карактер, но истовремено преку такви процеси се утврди дека правосудниот систем во државата функционира, дека дури и политичарите кои може да осознаат за ваков случај, можат да пријават случај и секој да си понесе одговорност“,
рече Заев.