Укинување, замрзнување или уште чекање ги отвора сите можности за секаков вид ризик, кој може Балканот да го вратат на оние децении за кои не сакаме ниту да помислиме дека може да се повторат
Премиерот Зоран Заев по средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека одвојувањето на Албанија и Северна Македонија не е во ничиј интерес и дека непринципиелност од страна на ЕУ може да има безбедносни последици за целиот регион. Тој на европските претставници со кои денеска се сретна им порачал дека идентитетот и јазикот не смеат во ниту случај да бидат предмет на преговори во ЕУ.
„Имавме значаен состанок утрово со комесарот Вархеји, а сега само што заврши состанокот со претседателката на Европската комисија. Го споделивме она што е реалност и тие го знаат тоа. Во Северна Македонија сите етнички заедници сме на иста линија во поглед на заштита на нашиот македонски јазик, македонски идентитет. Сите политички партии. Дојдовме овде во Брисел, во центарот на Европската Унија, да ѝ кажеме на Европската комисија дека нашиот македонски јазик и идентитет не се за преговори и треба да бидат тргнати… Без разлика дали ќе прават разделување или дуплирање, за нас е јасно дека без Северна Македонија да го направи следниот чекор не се возможни новите успеси на Европа во Западен Балкан или успеси на Западен Балкан на својот пат кон ЕУ. Верувам дека им е јасно и верувам во духот на европските манири, европските вредности, Европа ќе биде Европа, таа што ја сакаме, што ја сонуваме и кон која тежнееме, а ние сме на располагање да продолжиме со разговорите“,
изјави Заев во интервју за МИА.
Заев смета дека во случај на раздвојување, постои ризик за регионот и за државата.
„Постои геополитички, безбедносен и економски и секаков друг ризик затоа што не случајно кажуваме дека друга алтернатива освен европската иднина на Северна Македонија и на цел Западен Балкан не постои. Укинување, замрзнување или уште чекање ги отвора сите можности за секаков вид ризик којшто може Балканот да го вратат на оние децении кои не сакаме ниту да помислиме дека може да се повторат“,
вели Заев.
Тој тука ги посочува, како што вели, десниот радикализам и левиот екстремизам, поради што се појавуваат и документи како неодамнешниот „нон-пејпер“.
„Некој само чека шанса на разочараност на граѓаните, шанса на неуспех на ЕУ или каква било шанса што ќе створи плодна почва за развој на такви идеи, не треба многу за тоа, затоа алармот треба да биде кренат високо. Сѐ уште сме комплетно посветени со огромна доза на пријателство, на внимание, на европски манири, европски вредности, со продолжување на реформите по европскиот пат комплетно, но тоа не е доволно само ние да бидеме посветени. Треба да бидат и нашите соседи од ЕУ. Грција е. Се надевам Бугарија исто кога ќе ги формираат своите политички органи, но и сите земји од Западен Балкан, но најмногу ЕУ“,
додава тој.