Лидерот на СДСМ , Зоран Заев најави дека ги отпочнува преговорите за состав на новата Влада. Според него, целиот процес ќе заврши за десет до 15 дена. Тој ги обелодени принципите според кои ќе пристапи во разговорите со потенцијалните партнери.
„Северна Македонија – Едно општество за сите“
„Ќе разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, Влада која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат кој се вика ‘Северна Македонија – Едно општество за сите’,
рече Заев.
„Прочистување на правосудството и проверка на потекло на имотот“
Еден од најважните принципи, како што најави е новата Влада да биде решена до крај да се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа.
„Секој ќе си ја носи сопствената одговорност, без разлика дали доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат. Особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе го договориме“,
потенцира Заев.
„Чистка во администрацијата и Северна Македонија „Еко држава“
Екологијата, чистата и здрава животна средина, еко државата ќе бидат исто така една од најважните теми, а посебен акцент ќе се стави на целосна реформа во администрацијата. Заев најавува можност за намалување на бројот на министри, спојување на ресори и управи, намалување на бројот на пратеници.
„Идните чинители во новата Влада ќе треба да се подготвени и за сериозна реформа на јавната администрација – зборуваме за промена која ќе донесе ефикасно служење на потребите на граѓаните, но и промена со која обемот на администрацијата ќе се намали за 20%. Зборуваме за помал број министри и за рационализација на јавните служби, но за поголем број и побрзи услуги за граѓаните. Во кампањата ветивме дека министрите без ресор ќе ги скратиме. Тоа значи дека министрите кои ги бираме да го водат евроинтеграциите или да ги координираат економските политики, оние кои беа вицепремиери се на разгледување, а сите останати, колку беа, 5,6 или 7 ќе се намалат. Државата, по Законот за влада има 16 министерства а сега имавме 26. Таа бројка ќе ја намалиме,
подвлече Заев.
„Нова македонска економија“
Сепак, во најголема мера, Владата, како што ја замислува Заев на првото место од својата европска и граѓанска агенда, ќе ја има, како што ја нарече „новата македонска економија“.
„Главните принципи се: платите да продолжат да растат, да вложуваме во младите и во рамномерниот регионален развој, да водиме посебна грижа за најсиромашните граѓани и да даваме постојана поддршка на домашниот приватен сектор. Јакнењето на економскиот стандард на сите граѓани ќе биде императив на новата Влада. Ние во овој момент почнуваме со сериозни разговори поставени на сериозни принципи кои ќе ни донесат сериозна и посветена – Влада која движи брзо напред по европскиот пат, односно Влада посветена на економијата и правдата. Влада која ги отвора преговорите за членство со Европската Унија и Влада која со секое ново отворено поглавје од преговорите ќе воведува нови европски стандарди за подобар живот, тука во нашата убава земја. Тоа го побараа граѓаните, тоа ќе го испорачаме“,
рече Заев.
Лидерот на СДСМ најави дека за 10-15 дена ќе има исход од преговорите и дека македонските институции во многу скоро време ќе профункционираат во полн капацитет за да можат да се справуваат со најголемиот предизвик, невидливиот непријател ковид-19.