Владата никогаш не барала одложување на објавувањето на мислењето на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање дали е точно дека било побарано одлагање на мислењето бидејќи тоа може да влијае на изборниот резултат.
„Верувам дека Законот ќе има полн капацитет во својата имплементација. Неговата примена е ставена во сила, никој не загубил ништо. Албанците и помалобројните заедници добиваат само уставно право кое претходно не им беше овозможено“, рече Заев.
Одговорот на Заев се однесува на објавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на Фејсбук дека премиерот на 25 ноември до Венецијанската комисија испратил писмо во кое, според Милошоски, „сугерира Венецијанската комисија да не ја третира (не)уставноста на Законот за употреба на јазиците бидејќи тоа можело да влијае на резултатите на закажаните избори. Со ова, свесно или несвесно, Заев ја потврдува неуставноста на Законот за јазици, а исто така, јасно му е дека голем дел од јавноста не го одобрува ваквото негово пазарење со законитоста во Македонија“, пишува Милошоски.
Во подолгата објава, тој обвинува: „Заев ја лаже Венецијанската комисија дека Законот за јазици бил дел од европската регулатива и ја манипулира Венецијанската комисија тврдејќи дека Законот не се донел по скратена постапка, иако и домашната и меѓународната публика добро знае дека злоупотребата на европското знаменце“.
„На крајот Заев бара од Венецијанската комисија да ги преправи своите заклучоци по однос на неприменливоста на Законот за јазици во судството и штетата што што ќе ја предизвика врз владеењето на правото и нарушувањето на правото на ефикасна правда“, пишува Милошоски, а како илустрација на неговиот тој објавува факсимил од писмото на кое стои на англиски јазик дека е од Владата на Република Северна Македонија, но нема потпис.
Мислењето на Венецијанската комисија предизвика полемика во јавноста, на релација власт – опозиција, но и внатре во владината коалиција. Клучната забелешка беше дека државата нема доволен капацитет за спроведување на одредбите од Законот во делот на правосудството.