Премиерот дури смета дека не е коректно на обвинетите ексфункционери да им се суди вакво тешко дело – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста
Судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април се прекина по паузата бидејќи на обвинетиот Спиро Ристовски не му беше дозволен влез во судската зграда поради покачена телесна температура
Не мислам дека главни осмислувачи и организатори на настаните во Собранието од 27 април 2017 година се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и другите тука. Според мои сознанија, овие луѓе се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски, изјави денеска премиерот Зоран Заев во денешното сведочење на судењето за предметот познат во јавноста како „Организаторите на 27 април“.
„Верувам дека сите посакуваат да не се повтори и верувам дека една од гаранциите за тоа се ваквите судски постапки. Како човек жртва на тој настан, сметам дека бев прв таргет на група со цел да одзема животи. Не мислам дека главни осмислувачи и организатори се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и другите тука“,
рече Заев, пренесува МИА.

Покрај поранешниот спикер Вељаноски и ексминистрите Јанакиески и Ристовски, во случајот обвинет е и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во истрагата, пак, осомничени беа и бившиот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но за нив Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција не покрена обвинение бидејќи се недостапни за органите на прогонот, едниот избега во Унгарија, другиот во Грција.
Заев рече дека според негови сознанија обвинетите се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски.
„Не мислам дека се осмислувачи и организатори на тој настан. Мислам дека се изманипулирани од Никола Груевски. Ова го кажувам затоа што бев секој ден во Собранието и знам што се случувало и не верувам дека е коректно вакво тешко дело“,
рече Заев.
На почетокот на сведочењето премиерот рече и дека не може да даде забелешки во однос на водењето на конститутивната седница на 27 април 2017 година.
Прашан дали спикерот Трајко Вељаноски повикал некој пратеник да се откаже од правото на збор, Заев рече дека не се сеќава дека имало таков повик.
„Се сеќавам на седницата и не можам да изразам забелешка дека на некој пратеник му било скратено деловничко правото на збор“,
изјави Заев.
По сведочењето на премиерот, судското рочиште се прекина и се презакажа за 2 декември бидејќи на паузата, според протоколите, на обвинетиот Спиро Ристовски не му беше дозволен влез во судската зграда поради покачена телесна температура.
Ристовски присуствуваше на првиот дел од рочиштето, кога сведочеше премиерот Зоран Заев, но по паузата му била измерена повисока температура и не му било дозволено да влезе за вториот дел, кога требаше да сведочи пратеникот Африм Гаши.