Во однос на изјавата на Бујар Османи за грчки „Етнос“ во која тој тврди дека ДУИ е победник на изборите и дека тие треба да го добијат мандатот и да одлучат со кого ќе формираат влада, Заев вели дека во парламентарна демократија мандатот за формирање влада го добива првопласираната, а не третопласираната партија. „Навистина не гледам потреба понатаму да ги коментирам ваквите изјави. Ароганцијата и потценувањето на граѓаните не носи резултати“, вели Заев во интервјуто.
Процесот на преговори за формирање нов состав на владата ќе почне веднаш по илинденските празници. Бројките се јасни, СДСМ и коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбедија најмногу пратенички места, кристално чисто е кој го има мандатот, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервјуто за „А1он“.
Заев ветува дека во август ќе биде заокружен изборниот процес и ќе бидат ставени во функција новото Собрание и новата влада, а наесен веќе ќе има целосно активни институции.
„Нам во овој момент ни се неопходни стабилно парламентарно мнозинство, стабилна влада, која успешно и ефикасно ќе ги менаџира и здравствената криза и економските предизвици со кои се соочуваме, но и евроинтеграцискиот процес, на кој чекавме 30 години. Затоа, сметам дека разумот и рационалноста ќе преовладеат и дека во рамките на предвидените рокови од Уставот, СДСМ ќе обезбеди функционална влада. СДСМ е голема, широкограда и отворена партија и ќе разговараме за коалицирање со сите партии што се подготвени да го прифатат европскиот, демократскиот, слободарскиот концепт и патот што Северна Македонија го оди како земја членка на НАТО. Структурите што заговараат идеи поинакви од демократскиот и европскиот концепт не припаѓаат во идната владејачка коалиција водена од СДСМ бидејќи таквите конфликтни и ретроградни опции или се поразени или се маргинални“,
вели Заев.
Во однос на изјавата на Бујар Османи за грчки „Етнос“ во која тој тврди дека ДУИ е победник на изборите и дека тие треба да го добијат мандатот и да одлучат со кого ќе формираат влада, дали со СДСМ или со ВМРО -ДПМНЕ, Заев вели дека во парламентарна демократија мандатот за формирање влада го добива првопласираната, а не третопласираната партија.
„Навистина не гледам потреба понатаму да ги коментирам ваквите изјави. Ароганцијата и потценувањето на граѓаните не носи резултати. Резултати може да донесат само заложбите за државата да ни продолжи по правиот пат, по европскиот пат, по економскиот пат и по патот на правдата. Тие што се спремни да се приклучат на овој пат, ќе ја испишуваат новата современа историја на нашата држава“,
дециден е Заев.
За него, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се аутсајдери и, според него, тие на предвремените парламентарни избори покажале дека имаат сериозни проблеми и дека се заробени од груевизмот.
„Исто како и за локалните и за претседателските избори така и сега кукавички се скри во белата палата. На овие избори дури немаше храброст вечерта да излезе на прес-конференција и да го каже ставот за изборниот ден. Тоа само зборува за неговиот демократски капацитет, за неговиот вредносен потенцијал, но и за неговата општа култура“,
смета Заев.
Според него, илузија на ВМРО-ДПМНЕ е дека победила на изборите на кои има два пратеника помалку од победникот.
„Беше смешна до синоќа зашто граѓаните мислеа дека само Мицкоски така си замислил. Но, по синоќешниот став на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, оваа нивна илузија е навистина загрижувачка за нивната партија. Белата палата има сериозен проблем, им посакувам што побргу да им се случи демократија, а тоа е можно само кога ќе се помират дека граѓаните одлучија да продолжиме напред и кога ќе се свртат кон внатрешна реформа“,
вели претседателот на СДСМ.