Ќе направиме брза интервенција за севисирање на авионите Канадери бидејќи без сервис не можат да полетаат, изјави вечерва премиерот Зоран Заев кој беше во Кочани откако околината, а потоа и делови од градот беа зафатени од пожар.
„Канадерите се приземјени, Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка од Хрватска за сервисирање и тоа уште утре ќе го направи за да се избегнат сите тие бавни постапки по јавните набавки. Но, двата хеликоптери утре ќе дејствуваат“,
изјави Заев.
Рече дека треба да се има предвид дека денеска во земјава се гаснеле 13 поголеми пожари. Во текот на ноќта ќе се правеле проценки за тоа каде ќе гаснат хеликоптерите од утре наутро.
Заев разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со бугарскиот премиер, Стефан Јанев, и рече дека за утре очекува поддршка и од Бугарија и од Србија,
Прашан дали во блиска иднина се планира модернизација на противпожарната служба, Заев рече дека се работи за системски предизвици, а службите низ годините се модернизирани, но треба тоа да се прави со засилено темпо.
„Противпожарните сили во државата се престроени онака како што треба со тоа што треба во иднина да го зголемиме нивниот капацитет со колку што е можно повеќе нови возила. Општините не можат тоа самите да го направат, треба државата да влезе во кредитна линија или да обезбеди соодветни буџетски средства за да ги зголеми тие ресурси“,
рече Заев.
Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, се заблагодари на сите што помогнаа во гаснењето на пожарот, рече дека на помош дошле повеќе противпожарни единици од истокот и Град Скопје. Информираше дека огнот е ставен под контрола, а се интервенира на местата на кои и натаму има опасност од ширење и најави дека ќе се гасне цела ноќ. Прашан за причините за пожарот рече дека не сака да шпекулира.
„Шпекулации веројатно ќе има, како и во секоја работа. Јас не би сакал да шпекулирам и ќе ги оставам официјалните органи да истражат и да дадат информации како е настанат пожарот. Приоритет ни е да го локализираме и ликвидираме пожарот, а секако подоцна ќе ги утврдуваме и штетите“,
рече Илијев.
Министерот Венко Филипче, кој исто така беше во Кочани, потврди дека десеттина лица побарале лекарска помош бидејќи вдишиле чад. Четворица од нив се пуштени на домашно лекување, а петмина се задржани во болница, но очекува наскоро и тие да си одат дома.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, уште еднаш нагласи дека армискиот хеликоптер денеска гаснел во Старо Негоричане каде биле зафатени куќи и имало опасност од жртви. Рече дека немало време хеликоптерот да стигне во Кочани бидејќи немал гориво, а и веќе се стемнувало, а тој ноќе не може да лета. Ангелов најави дека е можно, ако се процени дека е потребно, да се прогласи кризна состојба на дел или на целата тероторија на државата.