Нашата в заемна грижа и поддршка продолжува и понатаму како традиционално пријателски народи и добри соседи посветени на нашите заеднички светли перспективи, за кои имаме многу блиски допирни точки, напиша премиерот Зоран Заев на својот профил на Фејсбук, по втората пратка со вакцини за ковид-19 донирани од Србија.
„Денеска пристигна и вториот дел од пратката од Србија со уште 3.510 дози со што, заедно со претходните 4.680 дози имаме доволно количини за имунизација на здравствените работници, нашите херои на првата линија во борбата со КОВИД-19, согласно Националниот план за имунизација. Уште еднаш во мое име, во име на Владата на Република Северна Македонија и македонските граѓани, упатувам искрена благодарност до народот на пријателска Србија, до претседателот Александар Вучиќ и до премиерката Ана Брнабиќ за овој гест на разбирање, солидарност и поддршка во борбата со пандемијата“,
порача Заев.
Инаку, со денешната пратка, која содржи 3 510 дози и претходната со 4 680 дози, вкупно се работи за 8 190 дози од вакцината „Фајзер“ што ги донираше Србија.
Министерот Венко Филипче денеска рече дека овие вакцини се доволни за здравствените работници кои од почетокот на пандемијата работат со ковид-пациенти и најави дека динамиката од 250 до 300 вакцинирани дневно во модуларната болница во Скопје ќе продолжи.
Одговарајќи на новинарско прашање за другите вакцини што се најавуваат, Филипче рече дека се во секојдневна комуникација со „Фајзер“ од каде што се очекува набавка по директен договор, но не можеше да каже точен датум.
За кинеските вакцини, исто така, не можеше да каже прецизно кога ќе пристигнат, освен дека денеска ќе биде направена уште една размена на писма преку МНР и за кратко време ќе го има и датумот на пристигнување.
Следните две други количини што се очекуваат се „Астра Зенека“ и руската „спутник В“.