Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, очекува дека до крајот на јануари или почетокот на февруари ќе се завршат сите процедури за членството во НАТО со оглед на тоа што најавите од Шпанија се дека во наредните денови ќе се формира влада.
„Ние на Владата, во саботата пред Нова година го усвоивме Протколот и го пративме за ратификација во Парламентот. Верувам дека Парламентот ќе го донесе, ќе биде потпишан од претседателот на државата како што е редот, ќе биде објавен во Службен весник и ќе чекаме Шпанија да ја заврши постапката за ратификација за да може нашата ратификација од Собранито на Република Северна Македонија да биде последна во депонирањето во Вашингтон. Убави вести стигнаа од Шпанија. Гледаме дека таму планот за избор на новата влада е направен и на почетокот на следната недела, 6, 7 и 8 јануари верувам дека тие денови ќе може да се избере влада, а со тоа добива и овластен предлагач од Шпанија кон нивниот Парламент, а тоа е Владата. Верувам дека има време навистина до крајот на јануари, почетокот на феврури и Шпанија тоа да го заврши, така да станува многу извесна не смао формално, туку и легално да кажам нашето членство со НАТО, заради тоа што таква е и процедурата и со тоа и завршува самата постапка за членство во НАТО“,
изјави денеска Заев.
Шпанија е единствената земја која не го ратификувала протоколот за нашето членство во Алијансата затоа што таму владееше политичка криза и се распишаа избори кои се одржаа во ноември 2019 и од тогаш се прават обиди да се формира влада.
Но, се чини расплетот на ситуацијата во шпанската политика се наѕира со оглед дека вчера Каталонската сепаратистичка партија (ЕРЦ) му го отвори патот на Педро Санчез и тој ќе биде старо-нов премиер на Шпанија. Имено, партијата одлучи нејзините 13 пратеници да не присуствуваат на претстојното гласање за избор на влада во шпанскиот парламент. Со тој акт всушност ќе биде намален бројот на потребни пратеници за негов ре-избор.
За да биде избран, на Санчез му е потребно апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници со кое тој не располага. Но, според Уставот, доколку тој тоа не го добие, во рок од 48 часа, Парламентот повторно гласа, а за премиер ќе биде избрано лицето кое добило просто мнозинство.
Со негласањето, партијата на Каталонските сепаратисти ќе влијае нивните гласови да не се сметаат, па при второто гласање, Санчез ќе ја добие довербата бидејќи веќе располага со просто мнозинство од останатите пратеници во 350 члениот шпански парламент.