За снимките што Милошоски ја пушти во Собранието, лидерот на СДСМ потврдува дека гласот е негов, ама вели дека таму нема ништо спорно
Лидерот на СДСМ Зоран Заев тврди дека немал средба со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева во претседателската резиденција, како што овие денови обвинува опозицијата.
„Не е точно дека тоа се случило. Треба да ги проверат тие податоци и анализи, како точно се обезбедени. Мојата последна средба со Јанева беше во Советот за реформи на правосудство во владата“,
изјави вечерва Заев.
Во однос на снимките што пратеникот Антонио Милошоски ги предаде во обвинителството, Заев потврди дека гласот е негов, ама вели дека таму нема ништо спорно. Вели дека зборува отворено, во период кога немало индиции за случајот „Рекет“, а тој почувствувал дека има одреден нелегално финансирање.
“Гледате дека зборувам отворено, кога не сум имал никакви индиции, ниту некој нешто ми предочил, месеци пред да се појави случајот „Рекет“ или на мене да ми биде презентиран. Јас, како совесен и одговорен претседател на влада, сум почувствувал дека има одредено сомнително финансирање и затоа прашувам од каде,“
рече Заев .
Денеска и братот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, Вице Заев, демантираше дека имал средби со кој било од обвинетите за „Рекет“.