По најавата на Радмила Шекеринска дека нема да се кандидира повторно за заменик-претседателка на СДСМ, партискиот лидер посочува дека ќе продолжи да соработува со неа, ама дека се договориле да им се даде шанса и на нови ликови
По најавата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска дека нема намера да се кандидира повторно за заменик-претседателка на претстојниот конгрес на СДСМ во мај, премиерот и партиски лидер Зоран Заев вели дека таа е негов најблизок и прв соработник.
„Радмила Шекеринска не поднесе оставка, таа најави дека нема намера да се кандидира за заменик-претседател во следниот мандат. Ние заедно прифативме да го водиме СДСМ во едно многу тешко време. Шекеринска е една од најзаслужните за нашето членство во НАТО, за преговорите со ЕУ. Јас ќе продолжам да соработувам. Верувам дека ќе соработуваме на многу заеднички проекти“,
вели Заев.
На новинарско прашање дали повлекувањето на Шекеринска од заменик-претседателското место во партијата значи и дистанцирање од Заев, тој вели дека тоа прашање треба да се адресира до неа.
„Шекеринска ќе ја прашате дали се дистанцира од мене. Taa e eдна од моите први соработници. Немаме разговарано за амбасадорско место бидејќи таа е министер за одбрана. Би било невнимание да се разговара за тоа. Мислењето на Радмила за Зоран Заев, треба да го каже Радмила. Јас и Радмила, како и огромен процент на раководството, се договоривме да го возобновиме СДСМ, да дадеме шанса на нови ликови. Луѓето сакаат во 21 век инвентивности кои ќе го забрзаат растот на државата“,
рече Заев.
Шекеринска вчера најави дека не е кандидатка за функција на претстојниот изборен конгрес на партијата, најавен за 16 мај. Со оглед на тоа што највисоката функција за која треба да гласаат делегатите е заменик-претседател на СДСМ, по вчерашната изјава се чини извесно дека Шекеринска заминува од, формално втората позиција во партијата, што таа ја извршуваше од 2013 година, кога беше избрана во тандем со партискиот лидер Зоран Заев, за потоа заедно да бидат реизбрани на конгресот во 2017 година, со нов мандат од четири години.