Претседателот на Владата, Зоран Заев имаше телефонски разговор со Киријакос Мицотакис, претседател на Нова демократија и нов премиер на Грција, соопшти Кабинетот на македонскиот премиер.
„Премиерот Заев му ја честиташе победата на парламентарните избори на господин Мицотакис и посака просперитет и благосостојба на соседот Грција и на грчкиот народ. Двајцата премиери заеднички изразија надеж за продолжување на соработката меѓу Северна Македонија и Грција, во очекување на нивната прва средба како премиери“,
пишува во соопштението од Владата.
Премиерот Заев му рекол на Мицотакис дека Грција е наш стратешки партнер со кој што развиваме соработка и градиме трајно пријателство. Тој му изразил благодарност за поддршката којашто нашата земја ја добива од Грција, за членството во НАТО и за почетокот на преговорите со ЕУ.
Премиерот Заев, во разговорот со Мицотакис упатил и голема благодарност за соработката до досегашниот премиер Ципрас.