„Добар човек“ е псевдонимот под кој денеска на Јутјуб се објавени 11 прислушувани разговори меѓу Зоран Милески-Кичеец и адвокатот Васил Димишков и меѓу Кичеец и Бојан Јовановски (Боки-13). Новите разговори се проширена верзија на вчера објавенените кратени снимки од анонимниот корисник „Али Баба Тредичи“. Додека за вчерашните скратени разговори објавувачот и дел од медиумите тврдеа дека се однесуваат на вмешаност на Зоран и Вице Заеви, од денешните целосни снимки станува јасно дека лидерот на СДСМ и неговиот брат воопшто ги нема во разговорите
Каде се 6-те милиони евра од снимката со Димишков? Ова е прашањето што денеска го постави пратеникот Антонио Милошоски од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ.
Како аргумент за своите прашања Милошоски ги користеше вчера објавените разговори на Јутјуб. Јавноста, на каналот на анонимниот „Али Баба Тредичи“ на кој се реферира Милошоски, можеше да слушне два разговора кои лесно се забележува дека се скратени на повеќе места, а на кои се слуша само гласот на адвокатот Васил Димишков.

Но Милошоски, како и дел од медиумите вчера го „слушнаа“ името на Вице Заев и на Владимир Стајиќ, како наводен посредник на Зоран Заев во „Рекет“. Единствената назнака за такво нешто беше исписот на крајот на второто видео кој сугерираше дека целите разговори од 57 минути, по изборите ќе биле предадени на Обвинителството. А токму во тие 57 минути се слушале Заеви.
„Добриот човек“ го претрка „Али Баба Тредичи“
Но, само 24 часа по „Али Баба Тредичи“ на Јутјуб се појави „Добриот човек“. На неговиот профил се објавени вкупно 11 разговори со должина не од 57 туку од над 66 минути. Токму во тие разговори интегрално се наоѓа целата комуникација на адвокатот Васил Димишков, од која „Али Баба Тредичи“ исекол само делови и ги објавил на Јутјуб.
Во целосните, како и во скратените разговори, на ниту едно место не се споменуваат Заеви. И не само тие, туку ниту еден актуелен политичар. Напротив, ги има имињата кои јавноста можеше да ги слушне при судењата за „Рекет“. Меѓу нив е Орце, неговата сопруга Ана, мајката Ратка, а во неповрзан муабет со „Рекет“ и Сашо Мијалков.
Интересното е што кога „Али Баба Тредичи“ ги објавил разговорите и притоа сугерира дека во остатокот од материјалот ги има и Заеви, што Милошоски го користи на прес-конференции, е изваден гласот на вториот соговорник. Тој глас кој е скриен на скратните снимки е на Зоран Милески – Кичеец. А Кичеец е првиот кој беше осуден за „Рекет“, откако призна вина и реши да соработува со обвинителството.
Не е првпат „Рекет“ да се користи за политика
„Размената“ на прислушувани материјали преку анонимни профили на социјалните мрежи веќе одамна не е новост, особено кога станува збор за случајот „Рекет“. Од самиот почеток, предметот го следи „сомнеж“ дека Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец не можеле сами да го смислат и извршат дејствието. Иако снимките како денешните одат во насока дека особено Јовановски и Кичеец уште од стартот биле инволвирани во процесот, случајот постојано се политизира.
Таква кампања имаше и во декември 2019 година, кога беа објавени серија разговори поврзани со случајот „Рекет“ на Јутјуб каналот со име „U6e Big“.
На тие снимки се слушаше гласот на Орце Камчев, бизнисменот кој е осомничен во „Империја“, а кој го пријави и е сведок во случајот „Рекет“. Тие снимки беа кратки, а покрај гласот кој наликува на Камчев, во некои се слушаат и соговорници.
Според разговорите, дел од снимките најверојатно се направени откако Камчев им дал еден милион евра на Бојан Јовановски и на Зоран Милески Кичеец:
„Има ГПС, све има. У рачка у металното“, а во истата снимка потоа одговарајќи на прашање истиот глас вели: „ Не знам, куферот не е кај Заев“.
За некои од аудио снимките може да се претпостави дека се направени и откако италијанскиот весник „Ла Верита“ ги објави видеата од безбедносните камери во домот на Камчеви.