Премиерот Зоран Заев, заедно со новиот владин состав денеска, беше на средба кај претседателот Стево Пендаровски. Заев вети дека нивни приоритети во следниот мандат ќе бидат исполнување на стратегиските цели на државата, успешно и ефикасно справување со светската пандемија со ковид-19, подинамичен економски раст, силни институции, владеење на правото и модерно образование.
„Имаме силни аргументи да го убедиме претседателот Стево Пендаровски дека нѐ обединуваат искрена определба и политичка волја за засилено исполнување на страшетките цели на нашата земја, успешно и ефикасно справување со светската пандемија, нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст и силни институции со ред, правда и ефикасност, правна држава и владеење на правото, модерно образование, активно членство во НАТО, силна волја за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавја за членство во ЕУ, добри меѓуетнички и меѓусоседски соработки“,
рече Заев во изјава за медиумите.

Економијата и забрзаниот економски раст, како што посочи, се еден од приоритетите на новата влада, а најави и структурни реформи во јавната администрација за таа да стане уште поефикасна.
„Реформата во институциите почнува токму со составот на оваа Влада. Таа ќе има седум министри помалку за уште поефикасна работа во интерес на граѓаните. Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Време на прочистување на правосудството и неселективно владеење на правото, комплетен ветинг на функционерите“,
рече Заев.
Во следните четири години, како што рече, планот е да се отворат 80 отсто од преговарачките процеси, а во следните шест години целосно да биде завршен овој процес.