Овие избори и оваа изборна кампања се поинакви, затоа што нема повеќе ветувања дека ќе бидеме дел од НАТО и ЕУ, тоа е завршена работа, рече претседателот на СДСМ и носител во изборната единица четири, Зоран Заев, во гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“.
„Дел сме од НАТО, 30. членка сме, почнуваме и преговори со ЕУ. Со соседите сега сме пријатели и очекуваме нивна поддршка во идните процеси, ние надвор ги завршивме работите, сега натпреварот ќе биде што ќе направиме дома. Сега нема Албанци, Бугарија, Грција, НАТО, сега дома ќе работиме на економијата. Фокусот го ставаме на домашните реформи“,
рече Заев.
Тој зборуваше и за владината коалиција со ДУИ и уште еднаш потенцираше дека потребно им е реформирање, а за демократијата, рече Заев, е добро да поседат во опозиција.
„Нам ни беше тешко изминативе години со ДУИ, тие се долго време на власт, 17 години го прават своето, станале моќни, и добро е ДУИ да се реформира откако ќе замине во опозиција, добро е за нив, добро е за државата, добро е да се реформира и ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Заев.