Македонскиот премиер ќе учествува на конференцијата на „Економист“, а ќе присуствува и на свеченост на која ќе се обрати Мицотакис
Премиерот Зоран Заев отпатува во дводневна работна посета на Атина, каде што ќе учествува на панел-дискусијата во рамките на конференцијата на „Економист“ – 25. тркалезна маса со владата на Грција на тема: „Од социјално дистанцирање до социјална солидарност“.
Како што соопштија од Владата, Заев ќе дискутира на важни прашања, како подобрување на соработката и солидарноста во Југоисточна Европа, регионалната соработка, проширувањето на ЕУ, како и зголемување на трговијата и инвестиции во време на превирања.
Во Атина се и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, како и министерот за економија Крешник Бектеши.
Заев ќе присуствува и на свеченоста на која ќе се обрати премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис.
Во рамки на официјалната посета, предвидени се повеќе средби со стопанственици, дипломати, а исто така ќе биде потпишан и Договорот помеѓу Владите на Република Северна Македонија и на Република Грција за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција-Северна Македонија.
Средбите што ќе се реализираат во фокус ја имаат економијата и енергетиката, информираат од „Илинденска“.
Пред извесно време, Грција најави замрзнување на ратификацијата во парламентот во Атина на меморандумите со С Македонија, како реакција на твит на Заев за фудбалската репрезентација, во кој не го користи уставното име на државата.
Потоа Заев изјави дека направил превид, затоа што, како што посочи, има 46 години и е нормално некогаш при пишување да го повтори она што го го пишувал сите овие години. Сепак, како што нагласи, тоа не значи дека не го почитува Преспанскиот договор и не треба да биде причина за замрзнување на меморандумите на кои С Македонија и така чека веќе две години.
Минатата недела во Охрид се одржа првиот „Преспа форум за дијалог“, кој беше отворен со конференција посветена на Преспанскиот договор. Покрај Заев, на конференцијата учествуваше и претходниот грчки премиер Алексис Ципрас, чија партија Сириза, во неколку наврати, ги повикуваше властите во Атина да ги ратификуваат меморандумите со С Македонија.