Од партиското раководството потврдија за „360 степени“ дека, денеска до 16 часот, никој друг не поднел кандидатура и дека сегашниот лидер сам влегува во изборната „трка“
Премиерот Зоран Заев, кој е на чело на СДСМ веќе осум години, ќе биде единствен кандидат на првите внатрепартиски избори за претседател на партијата.
Попладнево во 16 часот истече рокот за пријавување на кандидати за лидер на партијата. Веднаш потоа Заев соопшти дека ја поднел својата кандидатура, како и предлог-програма за функционирање на СДСМ во наредните четири години.
Вечерва од раководството на СДСМ потврдија за „360 степени“ дека никој друг не поднел кандидатура за челната партиска позиција и дека Заев сам влегува во изборната „трка“, во која се очекува да учествуваат близу 70 илјади „гласачи“, кои во изминатиот период го обновиле членството или се зачлениле во партијата.
Вчера заврши и процедурата за ажурирање на членството во СДСМ, така што, според инфпрмациите, владејачката партија сега брои околу 80 илади членови.
Првите внатрепартиски избори за лидер на СДСМ ќе се одржат на 21 март, за што веќе е избрана Централна изборна комисија. Претседателка на ценралната изборна комисија е Викторија Аврамоска Мадиќ, потпретседателка Неда Гацова, а членови Снежана Калеска Ванчева, Марко Михаилоски и Бранко Георгиевски.
Со правилникот за кандидирање и спроведување на внатрепартиските избори, се предвидени два круга гласање, иако е можен и избор во првиот круг ако еден кандидат освои мнозинство гласови од социјалдемократите кои излегле на гласање.
Заев, трипати досега, почнувајќи од 2008 година, беше избиран на конгрес на чело на СДСМ, со тоа што првиот пат беше избран за в.д. претседател. При неговиот прв избор за лидер на СДСМ, со полн мандат, во 2013 година, имаше двајца противкандидати, додека при реизборот на конгресот во 2017 година, исто така, беше единствен кандидат. Овој пат, Заев првпат бара мандат од сопартијците од позиција на премиер.