Министерот за здравство Венко Филипче утрово за време на посетата на преживеаните во автобуската несреќа во Бугарија, изјави дека во автобусот кој се запали на автопатот Софија-Благоевград загинале 46 лица, меѓу кои и 12 деца.
„Ова е голема трагедија. Благодарност до бугарските власти кои интервенираа најбрзо, до премиерот Стефан Јанев кој беше на самото место“,
изјави Филипче пред болницата Пирогов каде се сместени седуммината преживеани.
Филипче рече дека сите повредени се со повреди кои не се животнозагрозувачки, кај еден има скршеница и се прават анализи дали ќе биде потребна операција. Во следните денови ќе продолжат контактите за да се утврди кога тие ќе може да бидат транспортирани во Скопје.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека меѓу патниците има и цели семејства.
Премиерот Зоран Заев кој заедно со Филипче и со министерот за надворешни работи Бујар Османи се во Бугарија изрази благодарност до премиерот Јанев и до претседателот на Бугарија Румен Радев кои биле првите кои го известиле за трагедијата и кои ги ставиле на располагање сите институции за помош на повредените и за истрага на трагедијата.
Тој не сакаше да коментира кои се верзиите за причините, и упати да се почекаат информациите на стручните лица, додавајќи дека во разговор со преживеаните ги слушнал нивните впечатоци.
„Од она што слушнав, кога се случила несреќата овие седуммина го скршиле задното стакло и така се спасиле“,
рече Заев.
За патниците кои биле во автобусот рече дека најголем број се македонски државјани, има еден од Прешево кој со својата вереница од Куманово бил на екскурзија во Истанбул и има еден патник со белгиско државјанство. Од министерот за внатрешни работи рече дека бил информиран дека автобусот е сопственост на компанијата „Беса транс“ која организира туристички патувања Скопје-Софија-Истанбул.