„Ниту има намера, ниту се јавува на темата, ниту влијае на креирањето на политиките. Човекот е назад во бизнисот“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, прашан за влијанието на поранешниот претседател Зоран Заев

Претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 одговараше на прашања за внатрешните состојби во партијата.
Едно од нив беше – зошто не се истера до крај постапката за исклучување од партијата на Јово Деспотовски и Петре Шилегов. Филипче рече дека тие процеси се во тек во рамките на општинските организации.
Филипче: Поддршката во општинските организации е огромна. Поддршката и мобилизацијата и луѓето што пристапуваат во сите општински организации е процес што силно се засилува изминатиот период. Пристапуваат стари членови, пристапуваат независни активисти, интелектуалци, пристапуваат многу млади луѓе и тоа е насекаде низ државата.
360°: Но, конкретно, зошто Јово Деспотовски и Петре Шилегов не ги исклучат тие општински организации?
Филипче: Тие се во тек, затоа што имаше реконструкција во тие општински организации, па се екипираат. Тоа е причината. Има формалности што треба да се завршат надвор од овие процеси, па после да се пристапи на тие прашања.
360°: Вие сметате дека треба да се исклучат овие двајца?
Филипче: Гледајте, луѓето што немаат чесна намера и што се договараат со ВМРО да ја делат партијата – апсолутно. Апсолутно да.
360°: Имате ли докази дека се договараат со ВМРО?
Филипче: Апсолутно да. Вратите на партијата се отворени за сите добронамерни. На сите им беше понудена соодветна функција, луѓето ја одбија. Знаев дека ќе одбијат бидејќи знаев каква им е стратегијата и заднината. Сите се добредојдени што имаат добар предлог и што веруваат во овие политики и веруваат дека СДСМ е единствената, а тоа е вистината, партија што може да ја совлада ВМРО и да ја донесе повторно државата на прав пат. Не постои друг политички субјект. Но, што прави ВМРО? Знаејќи го ова, сака да нè дели. Принципот на делење започна во 2021 година, повторно спонзориран од ВМРО и финансиски и инфраструктурно и така се создаде ЗНАМ. Што ветуваше ЗНАМ на почетокот? Ќе биле коректор на власта, СДСМ ги напуштила идеолошките политики. Што е напуштено? И како се тие коректор на власта? Обичен приврзок и луѓе што работат за сопствен интерес. Ништо друго. Тоа е ЗНАМ. И сега по истиот тој принцип сакаат да внесат нова поделба. Јас тоа нема да го дозволам.

На прашањето дали досега некој му пристапил од иницијативата за воспоставување граѓанска платформа од поранешни функционери во СДСМ, Филипче одговорот го почна со прашање – како поранешни функционери ќе направат граѓанска платформа?
Филипче: Не знам, се појавуваат некакви информации, нејасно е за што. Поранешни функционери, ако имаат идеја се согласувам, доколку имаат искрена и чесна намера и сакаат да помогнат во партијата, треба да дојдат.
360°: Знаете ли кој е дел од таа иницијатива?
Филипче: Па добро, се шпекулира со имиња. Јас сега не би сакал да спомнувам имиња. Јас сакам да зборувам принципиелно за тоа што се зборува, што се тенденциите, идеите, гласините итн. Не може поранешен функционер во СДСМ да има идеја што е добронамерна кон политиките на партијата, а тоа да не го каже во партијата, туку да го каже надвор од партијата и притоа тоа да било некаква платформа. Па што е тоа ако не е делење на партијата? Јас сум спремен да разговарам ако некои политики, принципи, ова што го зборувам, не се како што треба, не се правилни итн. Јас сум спремен да ги смениме. Но, не слушнав критика за нашите позиции на критика кон власта. Дали вие сте слушнале дека некој ме критикува сега или СДСМ за тоа што го говориме за власта? Ако има критика, јас сум спремен да дебатираме што е тоа што грешно правам. Како е тоа сама по себе небулоза поранешни функционери на СДСМ ќе правеле некоја независна платформа? Па тоа не е ништо друго освен нов ЗНАМ и ново ситнење на партијата. Од кого е спонзорирано тоа сега ако не од власта која веќе има една таква практика со формирањето на ЗНАМ.
360°: Tезата е дека вие не ја водите добро партијата, дека не ја кревате доволно…
Филипче: Зошто? Еве, нека каже некој, нека аргументира. Зошто и што е лошо во водењето на партијата? Јас сум човек што е спремен да разговара на секоја тема. Еве, нека кажат конкретно.
360°: Претпоставувам дека појдовна точка се рејтинзите.
Филипче: Добро, но што, кога еве јас ви кажувам, а сите имаат увид во тие рејтинзи, затоа што луѓе имаа агенции што соработувале со СДСМ добро во минатото, сега соработуваат со ВМРО, може да им дадат податоци од порано и од сега дека трендот на СДСМ е во пораст, а на ВМРО-ДПМНЕ е во пад.
360°: Не сме виделе таква анкета. Јавно не сме виделе.
Филипче: Тоа го кажуваат нашите анкети. Добро, гледајте ние сме спремни и ја прифаќам забелешката, во следниот период ќе пуштиме во јавност една од нашите анкети.
Прашан за улогата на поранешниот лидер на партијата, Зоран Заев, и какво е неговото влијание, Филипче одговори – никакво.
Филипче: Ниту има намера, ниту се јавува на темата, ниту влијае на креирањето на политиките. Човекот е назад во бизнисот.
360°: Го видовме на прославата на 35 години од СДСМ, се појави кон крајот на настанот и беше дочекан еуфорично од тие што беа таму.
Филипче: Па, нормално, човекот е добронамерен кон партијата. Таа била негов дом со години. Замислете дека некој ќе излезе надвор од рамките на партијата и дејствувањето на партијата и ќе биде на страна, а притоа вистински си ја сака партијата. Па беше и Бучковски. Но, гледајте, со неговите политики со кои државата ја одглави од статус квото во кое бевме со децении, за што беше обвинуван од претседателката, од премиерот итн., кои го нарекуваа предавник, ама еве сега не бил предавник… Претседателката треба го повика на прием, па нека му оддаде и такво признание кога веќе кажа дека Зоран Заев е тој што со Преспанскиот договор го потврдил нашиот идентитет.
360°: Ја поддржува ли финансиски партијата?
Филипче: Не. Ние се финансираме од државното финансирање, немаме други извори на финансии.
360°: Од законот што, патем, го побара Мицкоски во 2018/2019 година и вие му го овозможивте.
Филипче: И го доби. И финансирањето и пржинската влада, а сега го укинува на сила. Ете, толку од принципите на Мицкоски. Односно сакате да кажете дека човекот работи само за свој интерес, така произлегува.
360°: Не, дека одработил нешто и за вас. Па еве, сега имате пари за да се финансирате.
Филипче: Е, добро де, ама тоа се принципи на финансирање. Се знае колку дели опозицијата, се знае колку дели власта.
360°: Да, ама тогаш се зголеми процентот. Процентот на зафаќање беше многу помал.
Филипче: Добро, еве да кажеме дека тој се грижи само за политики во кои и тој има интерес.
Филипче најави дека на 6 јуни ќе биде промовирана скопска иницијатива поврзана со борба против корупцијата, а на 7 јуни ќе се одржи партиски програмски конгрес на кој ќе биде презентирана новата програма за следните избори, кога и да се случат.
Филипче: Програмата ја работат експерти и мислам дека е навистина добра затоа што предлагаме структурни промени на повеќе сектори и детално ќе ја образложам, сега да не одземам време. На 6 јуни доаѓаат сестринските партии од регионот, од Западен Балкан. Поканети се европратеници и тој состанок ќе има за цел да се потпише заедничка декларација за европска интеграција на регионот, борба против корупција и борба против авторитарните режими бидејќи тие две работи се тие што нè држат тука во место.
360°: Има ли име програмата?
Филипче: Има работно име. Се вика „Твоја држава, твоја шанса“, затоа што секој треба да гледа шанса тука.
