Премиерот Зоран Заев вели дека СДСМ е согласен датумот на локалните избори да биде и 17 октомври, како што бара опозицијата, ако за тоа се договорат сите партии. Предлогот изборите да се одржат на 31 октомври, како што рече, го дал само поради совпаѓањето на термините за кампањата со пописот на населението.
„За мене е многу важно што ќе каже опозицијата. Таа треба да биде задоволна со датумот на избори. Ако се одржат на 17 октомври, се поклопува кампањата со пописот и тоа не е добро, треба да го истуркаме пописот до крајот на септември, по што може да почне кампањата. Но, ако каже опозицијата 17 и сите други партии се согласат, ние сме согласни. Следниот викенд е 24 и 31 октомври“, рече Заев.
Тој вели дека на барање на опозицијата се случило и одложување на изборите од септември за втора половина на октомври.
„Со Мицкоски кога имавме средба тие побараа одложување на изборите од септември за октомври, договоривме втора половина на октомври, а тоа е 17, 24 и 31 октомври. Јас ги консултирав партиите во државата, начелно сите беа согласни и беше постигнат договор“,
рече Заев.
Премиерот Заев нагласи дека одржувањето на изборите по 17 октомври не е противуставно.
„Не е неуставно, а тоа го потврдува 2004, 2005 година одложувањето на изборите и 2017 од пролет на есен, со измена на ,аконот за изборите, каде што се вели дека градоначалниците и советите ги вршат функциите се до избор на нови градоначалници и совети. И тоа е веќе проверено и, впрочем, е адресирано и пред Уставен суд во постапка во минатото и, колку што сум запознаен од правниците од мојот тим – и одбиена, затоа што законот вели избори да се одржат во годината кога се навршуваат четири години и затоа е дозволено плус-мунис 15 дена, пет месеци и теоретски 12 месеци“,
рече Заев.
Во врска со набавката на опрема за отисок од прст за одржување на локалните избори, тој истакна оти е информиран дека има една фирма која се јавила на повикот.
„Ако се потврди таа фирма изведувач – има доволно време, ако не, се надевам дека до почетокот на неделата ќе се донесе одлука да може да се искористи времето и запазат роковите согласно опциите што ги дава законот. Тогаш една од варијантите е правото и одговорноста да дојде кај претседателот на ДИК лично. Согласно обврската од Изборниот законик, а таа е да има отисок на прст веќе на следните локални избори, законот за јавни набавки дава можност да се договори набавката по пат на преговарање и договарање“,
рече премиерот.
Тој додаде дека за него е важно да се спроведе овој процес, пред се, како што рече, затоа што тоа го бара опозицијата, но и тој да биде успешен, односно фирмата која ќе го изведува да биде доверлива и да прифати одговорност затоа што ќе располага со биометриски податоци на граѓаните.