Премиерот повторно објаснува како ќе се коригираат спомениците и учебниците, како дел од дијалогот со Бугарија
На спомениците и во учебниците по историја треба да се отстрани зборот „бугарски“ во делот каде што се споменува бугарскиот фашистички окупатор. Ова го најави премиерот Зоран Заев, како чекор напред во придвижување на работите кон решавање на спорот со соседна Бугарија.
„Фашистичкиот окупатор во светот нема етничка боја. Целта е да се избрише зборот бугарски, но ќе остане фашистички окупатор. Или, ако има одредени други провокации кон нацијата, а не кон фашизмот и однесувањето во тој период, не можете да кажете дека градите добрососедство. Но, не смееме да обвинуваме цели нации за фашизам, како што не смее да се обвинува ниту германската, италијанската, или јапонската. Треба да бидеме ориентирани кон иднината. Зборувам и за учебниците. Во еден дел од учебниците е наше право и обврска како ќе ги учиме следните генерации да го осудат фашизмот и да си ја учат сопствената историја во која припаѓа и фашистичката окупација на земјава“,
рече Заев.
Заев не даде конкретен одговор дали ќе се отстрануваат и „германски“ или „италијански“ кај фашистички окупатор, но кажа дека не треба да се дава етничка димензија на фашистичкиот окупатор или цела една нација да се квалификува како фашистички окупатор.
На новинарско прашање дали ваквите одлуки претставуваат мешање во историската комисија, Заев рече дека именувањето на фашистичкиот окупатор не е дел од работата на историската комисија.
„Таа го работи делот на историските моменти на тоа што се случувало, кој каков револуционер или партизан бил. Политички аспект е дел од политиката и затоа го дискутирам. Не можете да ги осудите и децата на тогашните генерации и сите генерации дека биле фашисти, етнички. Фашизмот бил зло, појава која во тоа време била присутна, но не може да кажете дека цела нација била фашистичка. Факт е дека Македонија била под окупација, но и тука имало соработници со фашистите“,
рече Заев.