„Еднаш веќе дадов оставка на барање на опозицијата и излегов на предвремени избори, на кои повторно добив доверба од граѓаните“, рече премиерот во гостување на Сител
Премиерот Зоран Заев вели дека не планира да поднесе оставка поради бугарското вето, како што бара опозицијата. Тоа, според него, би значело изневерување на граѓаните, од кои бараше втор чист мандат, кога есента 2019 година поднесе оставка поради француското вето.
Во гостување во вестите на Сител, одговарајќи на прашање околу барањата на ВМРО-ДПМНЕ за негова оставка и формирање влада на национален спас до локалните избори в година, Заев рече дека нема потреба од предвремени парламентарни избори кои би имале сличен исход како и изборите на 15 јули, посочувајќи дека СДСМ е во предност пред ВМРО-ДПМНЕ.
„Во октомври 2019 година поднесов оставка, на барање на опозицијата, по француското ‘не’ за почеток на преговорите. Во меѓувреме, добивме одлука за старт на преговорите со ЕУ, а граѓаните ми дадоа доверба за уште еден мандат, така што нови избори би значеле изневерување на граѓаните. Нема да го направам тоа, а и нема логика дасе организираат нови избори што би завршиле исто како и неодамнешните“,
рече Заев, коментирајќи дека СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ на последните анкети.
Во врска со пописот најавен за април следната година и барањата на опозицијата, Заев посочи дека ВМРО-ДПМНЕ постојано се заканува со бојкот, како што беше и за време на референдумот во 2018 година.
„Пописот, сепак, не е политичка операција. Пописот е за граѓаните, а не за политичарите“,
рече премиерот.
Во однос на дијалогот со Софија, Заев рече дека тешко дека ќе може да се преговаа до изборите на 28 март во Бугарија. Ама затоа, како што рече, може да почнат да се решаваат некои работи, како што е, на пример, спроведувањето на Акцискиот план.
„Да видиме што може да се реши до 28 март, односно до изборите во Бугарија. Дотогаш, тешко е да се преговара ама можеме, на пример, да го реализираме Акцискиот план.
рече Заев во гостување на вестите на Сител.
За најавените реформи во основното образование, Заев нагласи дека е формирана работна група и дека е добредојдено секое мислење на експертите, со цел да се поедностави образовниот процес за основците.
„Без историја, сме ништо. Историјата е основа на нашата сегашност и на иднината, но тоа не значи дека не теба да се разговара за реформи во образованието. Историчарите не сакаат да се чепка историјата, геогрифичарите во географијата…Сите се загрижени за своите работни места, а образованието постои за учениците“,
рече Заев.