Премиерот Зоран Заев не очекува блокирање од албанските опозициски партии, Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива, на предлогот за одложување на пописот од април за септември, а верува дека со партиите ќе се пронајде и решение за законот за државјанство.
„Нема никакви причини за блокирање, следејќи го историјатот, аргументацијата на АА и алтернатива. Кога се донесе Законот за попис тие имаа предлог да се одложи од април за јуни од слични или исти причини. Утре ќе разговараме за оваа работа и верувам дека ќе изнајдеме решение“,
рече Заев.
Наспроти изјавата на генералниот секретар на АА, Арбен Таравари, дека не е сигурен дали ќе присуствуваат на средбата во Собранието со премиерот, Заев попладнево излезе со оптимизам дека ќе се сретнат и ќе пронајдат решение и за законот за државјанство, кое овие партии предлагаат да се добива со тројца сведоци.
„Го замолив координаторот на СДСМ, Јован Митрески да ги исконтактира координаторите да можат да бидат присутни утре во 10 часот, кога ќе дојдам во Собранието со двајцата министри, за правда и за внатрешни работи, и верувам ќе најдеме решение. Сега додека траеше пресот ме бараше координаторот, веројатно ќе треба можеби да исконтактираме и со лидерите, но како и да е нашата намера е јасна сакаме да најдеме решение и да ги отстраниме сите можности за блокирање зошто не се работи за опструкции, за несакање да се најде решение, туку за изнаоѓање на трајни решенија кои нема да предизвикуваат понатаму проблем“,
рече Заев.
На прашањето со каков предлог ќе седне на маса во однос на државјанствата, премиерот посочи неколку пример.
„Пример, ако повозрасна жена нема државјанство, има две деца кои имаат свидетелства, дошле до одредени документи тогаш тоа би било сериозен доказ за да се даде државјанство. Или имаме практики кои покажуваат дека од стапувањето во брак се поминати 8, 10 или 15 години, а за жал сè уште не е издадено државјанство. Мислам дека овде ќе ги најдеме практичните аргументации да најдеме решение. Ни треба наједноставниот можен начин ама да имаме барем еден заснован доказ“,
рече Заев.
