Владата го утврди текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинската и становите, со кои попишувањето треба да се одложи за во септември.
Една од измените што се предлагаат е продолжување на процесот на самопопишување на граѓаните од дијаспората до крајот на одржувањето на пописот во септември.
„До Собранието на Република Северна Македонија ќе биде доставен Предлог-закон со внесени измени и дополнувања со кои се одлага пописот за септември 2021 година, односно дека се врши менување на датумите за спроведување на пописот и дека тој ќе се спроведе во септември оваа година“,
информираат од владината прес-служба.
Договор за одложување на пописот падна вчера на средбата помеѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Двајцата се согласија пописот на резидентното население, наместо од 1 до 21 април, да се спроведе од 5 до 30 септември годинава.
Во меѓувреме, ќе тече самопопишувањето на дијаспората, односно македонските државјани во странство ќе може да се попишуваат до крајот на септември, со оглед на тоа што овој процес е веќе почнат.
Според изјавите на Заев, биле консултирани претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот Стево Пендаровски, министерот за правда Бојан Маричиќ и директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, но и најголемите коалициски партнери на СДСМ, ДУИ и Беса.
Партиите од албанскиот опозициски блок, Алијанса за Албанците и Алтернатива, пак, денеска излегоа на прес-конференција со став дека се против одложување на пописот.