Навивачките групи да се воздржат од упатување пораки што предизвикуваат омраза и насилство врз основа на расна, национална и верска припадност, а институциите не смеат да толерираат никакво поттикнување на омраза и насилство, порача премиерот Зоран Заев.
Ваквата негова порака доаѓа по одржаната владина седница, на која се дискутирало за вчерашното скандирање на навивачка група која поминуваше на плоштадот „Македонија“ во пресрет на фудбалскиот меч Вардар – Шкупи, а која, според видеото што се појави на социјалните мрежи, скандирала пароли со говор на омраза кон Албанците.
„Владата донесе заклучок со кој најостро се осудува навивачкото поведение со кое се предизвикува омраза, раздор и нетрпеливост врз етничка основа. Владата беше информирана дека МВР презема соодветни активности за расчистување на делото, за што соодветно ќе ја информира јавноста. Го повикуваме јавното обвинителство проактивно да дејствува во рамките на своите надлежности и да постапи по вчерашниот случај на говор на омраза на плоштадот“,
напиша Заев на социјалните мрежи.
Понатаму, покрај апелот да се воздржат од говор на омраза, премиерот потсетува дека упатувањето пораки што поттикнуваат омраза и насилство е казниво согласно Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, како и согласно Кривичниот законик.