Премиерот вели дека му е мило што вчера и претседателот на комисијата (Драги Ѓоргиев) потврдил дека ниту порано ниту сега придавката „македонски“ не е проблем
Премиерот Зоран Заев смета дека најголемиот ризик што може да го донесе ветото од Бугарија за Северна Македонија е потрошено непотребно време.
Ваквиот негов коментар следува откако вчера американската амбасадорка, Кејт Мери Брнз, во интервју за Гласот на Америка, оцени дека тоа носи низа ризици бидејќи одредени држави, како Русија и Кина, кои не ги делат вредностите за Европа како слободна и обединета, може да ја искористат ситуацијата за нивен стратешки интерес
„Големите ризици што може да ги донесе ветото е потрошено непотребно време за нашата земја. Нашата земја изгуби толку драгоцено време со децении наназад преку нерешавање на билатералните спорови со соседите. Секако може да демотивира од поддршката на нашиот народ од полноправно членство во ЕУ. Не би ги сакале тоа. Нашата желба за членство е поради европските вредности, квалитетот на живот, европскиот стандард донесен дома. Нашиот пат е тој, ние продолжуваме со реформите и со сето тоа што поглавјата го зацртале ние го работиме за да можеме да го искористиме тоа време додека не ги отвориме самите поглавја иако знаеме дека не е тоа тоа“,
изјави Заев.
Тој уште еднаш нагласи дека периодот треба да се искористи за адаптирање и спроведување на акцискиот план и реформите, а министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, треба да продолжат со размената на идеи.
„Ако може да се реши пред изборите, супер. Мој личен став е дека не верувам оти тоа е возможно во очи на избори, но ако може би бил многу радосен. Но, ќе ни помогне за веднаш после изборите да имаме посериозен исчекор“,
вели премиерот.
И Заев ги демантираше информациите дека е членовите на мешовитата историска комисија договориле придавката „македонски“ да се замени со уставното името.
„Мене ми е мило што и вчера претседателот на комисијата (Драги Ѓоргиев) потврди тоа што и на нас како Влада ни го има соопштено преку министерот за надворешни работи, а тоа е дека ниту порано ниту сега придавката „македонски“ не е проблем. Таму како се дискутира од страна на нашите историчари стои ’кажал професорот Драги Ѓеоргиев кажал македонските учебници треба да бидат соодветно на тоа поставени‘, ’македонскиот јазик треба да реферира соодветно на нашите традиции‘ итн. Сега парафразирам, но тоа го потврди и самиот претседател на комисијата. Тоа е идентитетска придавка и нашиот идентитет не е спорен и никогаш нема да дозволиме некој да го спори“,
вели премиерот.
Во однос на записниците од средбите на комисијата, Заев вели дека македонската страна е спремна веднаш да ги објави, но како што е договорено, тоа треба да се направи во договор со бугарската. Ако Бугарија потврди, вели тој, ние сме подготвени веднаш да ги објавиме.
Тој уште еднаш потенцираше дека досега е постигнат договор за пет историски личности (Цар Самуил, Свети Кирил и Методиј, Свети Наум и Свети Климент Охридски) и за три историски периоди.