Таа зборува и за нејзините очекувања дали новиот претседател Џо Бајден може да изврши поголем притисок врз Бугарија, па порачува оти очекува САД да останат интензивно вклучени во поддршката за Северна Македонија во нејзините европски аспирации
Американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз, во интервју за Гласот на Америка оценува дека бугарското вето носи бројни ризици бидејќи одредени држави, како Русија и Кина, кои не ги делат вредностите за Европа како слободна и обединета, може да ја искористат ситуацијата за нивен стратешки интерес. Затоа, порачува амбасадорка, потребно е да започне пристапниот процес за Северна Македонија во ЕУ.
„Очигледно е дека бевме многу разочарани од одлуката на Бугарија да го блокира почетокот на пристапниот процес минатата година, и ние ќе продолжиме да правиме тоа што можеме, за да осигураме билатералните прашања да се решаваат преку билатерални канали, и оти добрата волја и постојаните напори што Северна Македонија ги презема за да ги води билатералните разговори со Софија да продолжат на позитивен начин, одвоено од политичката реторика. Има држави кои не ги делат истите визии за Северна Македонија во Европа, и кои не ги делат вредностите за Европа, како слободна и обединета, каде има долготраен мир и стабилност. Тие можеби ќе гледаат да ја искористат ситуацијата за нивен стратешки интерес. Јасно е дека Русија и Кина не ја делат таа визија и мислам дека ова е нешто што сите треба да го имаат предвид. Затоа е особено важно пристапниот процес во ЕУ да се движи напред што е можно побрзо“,
вели Брнз во интервјуто.
Таа зборува и за нејзините очекувања дали новиот претседател Џо Бајден може да изврши поголем притисок врз Бугарија, па порачува оти очекува САД да останат интензивно вклучени во поддршката за Северна Македонија во нејзините европски аспирации.
„Јас верувам дека таквиот вид на соработка ќе продолжи и, се разбира, пред сè, ќе биде фокусирана на нашата поддршка за евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Тоа е основа на нашата политика овде и има многу работа да се заврши, во смисла на поддршка на реформската агенда, како и да осигураме дека пристапниот процес во ЕУ оди напред“,
вели Брнз.
Амбасадорката порачува и дека е важно билатералните разговори помеѓу Северна Македонија и Бугарија да продолжат во некоја форма, без разлика на претстојните бугарски избори, бидејќи теренот треба да се држи подготвен. Исто така, верува и дека земјава досега покажала оти е подготвена да се одржи првата меѓувладина конференција.
Брнз зборува и за пописот, нагласувајќи дека е задоволна што Законот помина во парламентот и оти очекува Владата да осигури тој да биде спроведен од професионалци.
Целото интервју на амбасадорката за Гласот на Америка во кое зборува и за вакцините, за реформите во судството, нивото на политичка одговорност и други теми, можете да го прочитате ТУКА.