Премиерот Зоран Заев најави дека службите во Министерството за надворешни работи (МНР) ќе ја проверат автентичноста на изјавата на португалската министерка за Европа, Ана Поула Закаријаш, во која вели дека македонскиот некогаш бил дел од бугарскиот јазик, па ќе реагира соодветно.
На прашање дали и по ваквата изјава смета дека португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија е сè уште добар, премиерот вели дека во него Португалија не зазема страни и потсетува дека тој содржи изјави и на двете страни кои даваат свои толкувања за спорните прашања.
„Португалскиот предлог е јасен и е добра основа за двете страни за решение. Португалскиот предлог нуди решение, но не зазема страни внатре. Во самиот португалски предлог во преговарачката рамка е решено преводот на европското законодавство да биде на македонски јазик. Секако, и двете страни имаат изјави, каде што веројатно министерката направила толкување за бугарски медиум или слично, што ќе биде проверено преку стручните служби во МНР за автентичноста на тоа што е кажано, и МНР соодветно ќе реагира во јавноста“,
изјави Заев.
Португалската министерка во разговор со новинари во Лисабон, како што пренесе Бугарското национално радио (БНР), посочила дека дебатата помеѓу двете земји е тешка и истакнала:
„Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија. Таа е поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и со идната соработка. Во моментов тие работат на нешто што се нарекува патоказ, што ќе им помогне да соработуваат и Бугарија ќе добие гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ работите ќе се одвиваат непречено. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – сетете се дека земјата си го смени името. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји. Во Бугарија ќе има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат резултатите пред да одлучат како да постапат“.