Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не успеаја да постигнат договор за датумот за избори и по два ипол часовната средба вечерва кај претседателот Стево Пендаровски. По завршувањето на средбата двајцата оставија деталите да ги соопшти Кабинетот на претседателот. Кусо, во засебни изјави прокоментираа дека договор нема, но остануваат во комуникација.
„Не успеавме да постигнеме договор. Оставивме можност во текот на утрешниот ден доколку една од страните заклучи да се слушнеме – да се слушнеме.“
кажа Заев по средбата.
„Во интерес на процесот, во интерес на сложеноста на целата ситуација, донесовме заеднички заклучок претседателот преку соопштение да информира и во деновите кои следат ќе имате дополнителни информации како ќе се развиваат настаните. Она што е важно е дека до овој момент сè уште нема договор“,
рече Мицкоски.

Од Кабинетот на претседателот потврдија дека лидерите единствено се согласиле да ја продолжат комуникацијата.
„На средбата се разговараше за различни аспекти на изборниот процес, при што и двете страни понудија аргументи во прилог на нивните позиции. На средбата не беше постигнат договор за одредување датум за предвремените парламентарни избори. Двајцата лидери се договорија да ја продолжат комуникацијата меѓу себе“,
се вели во соопштението од кабинетот на Пендаровски.
*поврзана вест: ВМРО-ДПМНЕ: Сакаме компромис, а не еднострани диктати
*поврзана вест: СДСМ: Мицкоски не спомена ни „З“ од здравство и здравствена криза на лидерската