Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека е подготвен да разговара со сите политички партии за коалиција за Влада после изборите, освен со ВМРО-ДПМНЕ.

„Остануваме отворени за соработка заради тоа што веројатно ние сме единствениот политички субјект, заради нашиот влог што сме го направиле во минатото, што може да соработува со сите, зборувам баш со сите, со владејачките, опозициските партии, секако освен со ВМРО-ДПМНЕ во делот на коалиции за Влада. Едниот останува опозиција, едниот е власт, но со сите други политички партии, може да соработуваме. Ќе носиме одлука според тоа што е најважно за државата, а после тоа како најдобро СДСМ ќе се позиционира во пресрет на победата која што ја очекуваме“,
изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања на настанот Хуманитарен базар, кој се одржа пред седиштето на партијата.
Лидерот на СДСМ рече и дека полека почнале да разговараат со речиси сите партии, а со владејачките партии со кои коалицираат имаат комуникација на дневна основа и разговараат за идни соработки.
Сепак, нагласи тој, не може да каже на што е подготвен Социјалдемократскиот сојуз во однос на коалицирањето со други партии, бидејќи такви одлуки носат органите и телата на партијата.

Периодов актуелно е и прашањето дали во албанскиот блок ќе има предизборно коалицирање против ДУИ. Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, пред четири дена најави дека во текот на наредната недела можно е да се донесе одлука дали ќе има коалиција со Алтернатива на Африм Гаши и Беса на Билал Касами.
За време на неговото гостување во емисијата „Патот кон“ на Алсат ТВ, тој рече дека за трипартитна коалиција заинтересирани биле и релевантни фактори од Косово и Албанија. Според него, целтта на ваквиот интерес е ДУИ да се симне од власта.