Претседателот на Владата Зоран Заев ќе ги насочува политиките во областа на финансиите, а заменичката на министерот за финансии Ширет Елези ќе ги преземе овластувањата и одговорностите за раководење со ова Министерство. Oвие заклучоци биле донесени на вчерашната седница на Владата.
„На оваа седница беа донесени два заклучока. Првиот дека претседателот на Владата ги насочува дејствата на Владата во работите од областа на финансиите и финансиската политика и спроведување на програмските определби на Владата, согласно член 11 став 1 и став 2 и член 35 став 1 од Законот за Влада. Вториот заклучок на Владата е дека констатира оти се настапени условите по член 48 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државата управа согласно кои заменикот министер за финансии ги презема сите овластувања и одговорности за раководењето на министерството за финансии“,
информира портпаролот на Владата, Муамет Хоџа.
На денешниот брифинг со новинарите, членовите на Државната комисија за спречување на корупција, уште еднаш потенцираа дека премиерот Заев, може да врши надзор на дејноста на министерството, но не и да ја извршува функцијата.
„Во најкраток можен рок мора да се постави министер за финансии, едно од најважните ресори. И ние тоа ќе му го укажеме на премиерот“,
потенцираа од Антикорупциска.
По смената на Тевдовски, премиерот Заев најави дека тој ќе ја извршува министерската функција, но набрзо се повелече од идејата, токму поради притисокот на ДКСК за постоење на судир на интереси.