Првиот човек на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев по повод празникот Воскресение Христово – Велигден испрати честитка до православните верници.
Годинава, како никогаш досега, Велигден го очекуваме затечени со сериозна опасност која надвиснала над светот и нашите глави. Исправени пред ваквиот сериозен предизвик, мораме заеднички да делуваме мудро, за на крајот да излеземе како вистински победници. И Исус Христос би го побарал тоа од нас. Ако тој со смртта, смртта ја победил и сторил триумф на животот, можеме и ние – неговите чеда, во наша и негова чест да се заштитиме од злото што не демне.
вели Заев во Велигденската честитка.
Со оглед на новонастанатата ситуација, Заев на сите верници им порачува, празнувањето годинава поради пандемијата, да биде во домот со семејството.
Така ќе си овозможиме, во некои следни и поубави денови, повторно да ги пречекориме праговите на божјите храмови и здрави, живи, среќни и весели да ги празнуваме сите христијански празници, вклучително и Велигден. Во овие празнични мигови, да и дадеме предност на содржината пред формата, навлегувајќи во суштината на христијанството. Да си ги прочистиме душите и да им дадеме можност на добрината и мудроста да не водат во иднината на нашите животи.Само така ќе успееме, со озарени лица да поздравуваме и отпоздравуваме со ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ, НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ. Имајте здрави, среќни и весели семејства со топлина, хармонија и благосостоба во домовите.
пишува во честитката од Заев.