Има доволно пари во буџетот, пред се за здравството, граѓаните треба да бидат спокојни за тоа, порача премиерот Зоран Заев во дебатата за буџетот за 2021 година на Националната радиотелевизија.
„Секогаш може да обезбедиме дополнително, а веќе се ставени првите резерви зашто е извесно дека и во првиот квартал 2021 ќе имаме здравствена криза. Буџетот за 2021 година е така скроен за да одговори на предизвиците, секако здравствениот и економскиот аспект од ковид-кризата, но истовремено да се обидеме секоја криза да ја користиме како можност за да биде истовремено и рестарт на македонската економија“,
рече Заев.
Тој рече дека бизнис секторот и граѓаните можат да бидат сигурни дека државата ќе помогне да се сочуваат работните места.
„Бизнисот, економијата, работниците, синдикатите треба да бидат сигурни во својата земја дека е подготвена да им се најде, да ги помага компаниите да ги соочуваат работните места. Да вбризга пари секогаш за најсиромашните, за најранливите. Солидарноста мора да ја има во буџетот, и гледате најголемата ставка е 90 милијарди социјални трансфери и тоа е многу логично. Веднаш после тоа е се економските ставки од 70 милијарди. Така буџетот, државната каса којашто ја испраќа првата порака: Почитувани граѓани, имате држава којашто е тука да ви сè најде, и да помогне за сè што треба во периодот што следува“,
истакна премиерот.
Заев рече дека дополнителни извори на приходи во буџетот може да се обезбедат и од некои неефикасни државни компании и ресурси, преку јавно-приватни партнерства, концесии и слично, за што веќе имало интерес, посочувајќи ги државните Железници-Транспорт, Македонска пошта, Еурокомпозит, Тутунскиот комбинат-Прилеп, ресурсот Попова Шапка, Ливадиште, ТЕЦ Неготино.
„Тоа може да биде 100 отсто, може да биде јавно приватно партнерство, државата да остане еден дел, дури и под концесија да се даде итн. Тоа е досега неефикасен ресурс во рацете на државата и треба да се стави во функција“,
рече Заев.