Алексис Ципрас му порача на Мицкоски да се помири со реалноста и со името на државата, а Зоран Заев побара од Мицотакис да се ратификуваат трите меморандуми што произлегуваат од Договорот од Преспа

Идниот македонски премиер Христијан Мицкоски мора дословно да го почитува Преспанскиот договор, а шефот на грчката влада Кирјакос Мицотакис да ги ратификува меморандумите што и онака веќе ги спроведува.
Ова се главните пораки што ги упатија поранешните премиери на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои го постигнаа договорот од Преспа во 2018 година. Тие денеска преку своите организации, Фондацијата „Заев“ и Институтот „Алексис Ципрас“, во Атина ја организираат Меѓународната конференција за мир и за одржлив развој на годишнината од потпишувањето на документот во преспанското село Нивици.
„Христијан Мицкоски мора да се помири со реалноста и со името на државата, бидејќи во спротивно ќе има тешки предизвици. Не зборуваме само за европската перспектива, туку за опстанокот на Северна Македонија. Тоа е важно и за Грција, бидејќи ние сакаме стабилност кај северниот сосед“,
рече Ципрас на конференцијата.
Како што додаде тој, непочитувањето на договорот носи ризик од меѓународна изолација и од мешање на трети земји на Балканот, како Турција и Русија.
„Егзистенцијално прашање е за Северна Македонија, но и стратешко прашање за ЕУ дали ќе дозволи Западен Балкан да биде играчка за трети земји или ќе се забрза процесот на пристапување“,
рече Ципрас.
Заев, пак, од Атина му порача на новиот премиер Мицкоски да не згреши со Договорот од Преспа, бидејќи така ќе ја уништи европската перспектива за граѓаните.
„ВМРО-ДПМНЕ се десничарска, националистичка партија. Наредниот викенд ќе изберат влада и новиот премиер ќе има експозе. Мислам дека нема да направи грешки, бидејќи ако направи, тоа ќе биде тешко за него. Ќе го предизвика целиот западен свет“,
рече Заев на оваа меѓународна конференција.
Според него, Северна Македонија нема алтернатива освен европската иднина и членството во НАТО, па според тоа, непочитувањето на договорот ќе значи играње со иднината на земјата.
„Тоа значи дека нема да користиме европски пари, но нема да има ни надворешни, ни домашни инвестиции. Нашите млади ќе заминат во западна Европа и САД. Тоа е закана за нашата земја“,
рече Заев.
Тој додаде дека Мицкоски никогаш не се заканил дека ќе го поништи Преспанскиот договор, дури се обврзал да го употребува името Северна Македонија писмено, но ако не го користи целосно, би го кршел законот, Уставот и меѓународниот договор.
Поранешниот прв човек на Владата имаше порака и за премиерот Мицотакис, во врска со нератификуваните меморандуми што произлегуваат од договорот – за заштита на небото, за економска соработка и за помош за зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ.
„Бидејќи ја поддржува Северна Македонија на нашиот пат кон ЕУ, тој видливо се бореше за интеграција на Северна Македонија и на цел Западен Балкан. Исто така и економската соработка се зголемува меѓу двете земји, а и Грција го штити нашето небо. Тоа се трите меморандуми, кои ги спроведува, но не ги ратификува“,
рече Заев.
Заев и на Мицкоски и на Мицотакис им порача оти треба да бидат практични за подобра иднина на двете земји.
Експремиерите на С Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, денеска и утре во Атина организираат Меѓународна конференција за мир и одржлив развој по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор. Настанот е во организација на Фондацијата „Заев“ и Институтот „Алексис Ципрас“.
Дводневната конференција по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор беше најавена пред неколку дена со заедничка колумна на експремиерите на С Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во која повикаа ЕУ и меѓународната заедница да стават до знаење оти почитувањето на Договорот од Преспа е единствениот пат на земјава до пристапниот процес.
Денеска, обраќајќи се од позиција на директор на Фондацијата „Едно општество за сите“, во чија коорганизација е настанот, ексминистерот и актуелен пратеник Венко Филипче порача дека договорот од Преспа е доказ дека дури и најтешките спорови можат да бидат решени кога лидерите како приоритет го имаат заедничкото добро за сите пред сè друго.
Во рамки на денешната конференција Зоран Заев и Алексис Ципрас му ја дадоа Наградата за мир „Преспа“ на медијаторот во разговорите за името Метју Нимиц.
Зоран Заев, со објава на својот фејсбук-профил вели дека со поддршката и посветеноста на Нимиц двете земји успеаја да изградат меѓусебна соработка и да се дојде до решение не само за името, туку да се отвори порта за соработка за двете земји за подобра иднина на народите и за подобра иднина на регионот.