Премиерот Зоран Заев, претседателот на парламентот Талат Џафери и вице-премиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска беа дел од македонската делегација која вчера помина неколку часа на американскиот носач на авиони во Медитеранот- „Хари С. Труман“. Во придружба на началникот на ГШ Васко Ѓурчиновски и амбасадорката на САД во Северна Македонија Кејт Брнс, остварија средба со адмиралот Џејмс Фого, командат на американските сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили во Неапол.
Според премиерот, со посетата на носачот на авиони „Хари С. Труман“ се комплетира сликата за припадноста на Северна Македонија во НАТО.
„Минатата недела во Лондон, почувствувавме што значи да се биде дел од семејството на земјите членки на НАТО. Бевме рамо до рамо со политичките лидери на Алијансата. Со посетата на носачот на авиони ‘Хари С. Труман’, еден од најимпресивните репрезенти на моќта и на комплексниот систем за ефикасни оперативни задачи за одржување на безбедноста, мирот и сигурноста во светот и со средбата со адмирал Џејмс Фого, ја комплетираме сликата за најмоќната воено-безбедносна алијанса на светот и за припадноста на Северна Македонија во најсилниот систем на колективна безбедност што обединува речиси 1 милијарда граѓани од демократскиот свет. Најсилните земји во светот се наши сојузници, Северна Македонија е партнер и сојузник со сите нив“,
изјави премиерот Зоран Заев.
За вице-премиерката Радмила Шеќеринска, сега е шансата да се соберат плодовите од НАТО членството, вклучувајќи и поголеми шанси за домашните и странските инвестиции.
„И тој носач на авиони Труман, е дел веќе од нашата одбрана. И тие авиони на носачот, и овие денеска во базата, се дел од нашата одбрана. Сите тие, повеќе од 5000 војници на носачот на авиони, се дел од нашата одбрана, исто како што нашите капацитети, се дел од НАТО системот. За ова се боревме, за ова работевме и за ова нашата држава вложи многу“,
изјави вице-премиерката Радмила Шеќеринска.
Случајна средба со Борисов и Каракачанов
За време на посетата на македонската делегација на „Хари С. Труман“, на носачот за авиони дошла и бугарска делегација во чиј состав биле премиерот Бојко Борисов и министерот за одбрана Красимир Каракачанов.
Од македонската влада велат дека не знаеле за посетата на колегите од Бугарија кои дошле подоцна од делегацијата која тргнала од Скопје. Претпоставката е дека турата за официјална Софија се должи на фактот што Бугарија неодамна склучи договор за купување американски борбени авиони. Висок извор од македонската влада вели дека на „носачот на авиони било гласно па не можеле многу да разговараат“ со бугарските колеги, особено за ќорсокакот во кој се најде мешовитата комисија на историчари на двете земји. Сепак, Заев и Борисов договориле средба после Нова година, но како политичари а не и премиери, бидејќи Заев тогаш веќе ќе биде повлечен од функцијата поради претстојните парламентарни избори. До изборите, практично ќе паузира и работата на мешовитата комисија.
Во следните 10 години предвидени 700 милиони евра за модернизација на Армијата
Членството во НАТО освен права, ќе донесе и обврски. Една од најтешките е неопходната модернизација на македонската армија. До 2024 официјално Скопје треба да има декларирано опремена пешадиска единица од околу 1.000 војници, која треба да биде подготвена за распоредување на било кое место во светот за најмногу 30 дена. Како што веќе објасни министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во неодамнешното гостување во „360 Степени“, во моментов речиси е договорена набавката на околу 150 возила за лесната пешадија, меѓу кои и оклопни транспортери, набавка што се проценува на околу 150 милиони долари. Втората поскапа набавка треба да се случи по 2025 година, кога земјава веројатно ќе мора да купи повеќенаменски хеликоптери.
Приоритетите кон НАТО, на краток рок, се пред се политички. Се очекува во четврток Северна Македонија конечно да избере амбасадор во Алијансата.