Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети денеска во 14 ќе се сретнат во Клубот на пратениците. Ќе ги придружуваат генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски и организацискиот секретар на ДУИ, Артан Груби. По средбата се најавени изјави на Заев и на Ахмети, кои треба да соопштат за исходот од преговорите.
Вчера и двете партии соопштија дека постигнат е сериозен напредок во преговорите и дека на денешната средба меѓу Заев и Ахмети се очекува конечен договор за нова влада. Кажаа и оти се надеваат дека во наредните денови ќе продолжи и конститутивната седница за избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
Ако денеска се постигне конечен договор, мандатарот Зоран Заев до крајот на неделата би ги доставил до парламентот предлог-составот на новата влада и програмата за нејзина работа.
Сигнал за тоа дека преговорите меѓу коалицијата „Можеме“ и ДУИ се во завршна фаза е и информацијата дека СДСМ за в среда закажале седници на Извршниот и на Централниот одбор, кои треба да го одобрат политичкиот договор за парламентарно мнозинство и владина коалиција со ДУИ.
За утре исто така се планира продолжението на конститутивната седница на чиј дневен ред е и избор на претседател на Собранието, а според сознанијата на „360 степени“, Талат Џафери и во овој мандат ќе раководи со Собранието.
Засега не се открива каква распределба на ресорите во Владата договориле СДСМ и ДУИ. Нема информација ниту во однос на премиерската позиција, со оглед на тоа што предизборно ветување на кое ДУИ инстистираше е премиер-Албанец а, од друга страна, мандатарот Заев кажа дека се подготвува да биде премиер 4 години.