Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека при носењето одлука за отворање на границите во регионот, со или без ПЦР-тестови, прво треба да се води сметка на здравствениот, а потоа на економскиот аспект.
„Треба да бидеме внимателни и во двата аспекта при отворање на границите – на здравствениот и на економскиот, кои се подеднакво важни, но сепак здравјето на луѓето преовладува“,
рече Заев одговарајќи на новинарски прашања при посетата на училиштето „Јан Амос Коменски“ во Карпош.
Министерот за здравство Венко Филипче На владината седница информирал за дебатите што се водат на регионално ниво за отворање на границите, при што се разговарало за сите предности или проблематични ситуации што би се појавиле.
„Министерот за здравство ќе ги доврши консултациите со колегите од министерствата за здравство во соседните земји и во целиот регион, а Комисијата за заразни болести е таа што конечно ќе даде препорака или одлука дали треба да се отвораат границите, за да имаме премин на границите без или со ПЦР-тестови“,
рече Заев.