Локацијата спроти хотелот „Холидеј ин“, нагласуваат тие, заслужува отворен архитектонски конкурс и таа е последната поголема неизградена локација во центарот на градот. Во сите документи, почнувајќи од планот на Кензо Танге, пишува во повикот, оваа локација се именува како „Републички центар со републички плоштад“ и е препознаена како локалитет од државно значење
Ве повикуваме Вас како премиер, Владата и сите надлежни институции, во најитен можен рок јавно да се произнесете и да покажете суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес, односно воспоставувајќи систем на владеење на правото, а во врска со деталните урбанистички планови (ДУП), пишува во јавниот повик на 29 граѓански организации и универзитетски професори, кој е адресиран до премиерот Зоран Заев.
Тие бараат да се спаси просторот кај „Холидеј ин“ каде што треба да се изградат висококатници, па затоа наведуваат дека нивните барања се Владата да ја поддржи суспензијата од Општина Центар за ревидирање на конкретниот ДУП, но и на сите други планови кои не се усогласени со Генералниот урбанистички план (ГУП), а Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да се произнесат и да се обврзат дека нема да издаваат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите.
Се бара и поддршка за законско работење на инспекторите за урбанизам и за градежништво, Државниот правобранител кој треба да го штити државниот имот и сите институции што досега ги одобрувале плановите кои се спротивни на ГУП.
„Јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина мора да е врвно начело на управување со државата. Обврска на Владата е да го одржува и штити јавниот интерес и да интервенира кога е тој загрозен, а по потреба и да санкционира“,
пишува во јавниот повик до Заев.
Просторот треба да биде претворен во плоштад
Локацијата спроти хотелот „Холидеј ин“, нагласуваат тие, заслужува отворен архитектонски конкурс и таа е последната поголема неизградена локација во центарот на градот. Во сите документи, почнувајќи од планот на Кензо Танге, пишува во повикот, оваа локација се именува како „Републички центар со републички плоштад“ и е препознаена како локалитет од државно значење.
„Очекуваме создавање на квалитетен јавен простор отворен кон реката, нов зелен републички плоштад кој со пешачкиот мост ќе се поврзе со платото пред црквата ’Пресвета Богородица‘, плоштад обиколен со добро пропорционирани објекти, како белег на 21 век, бидејќи плоштадот ‘Македонија’ беше претворен во белег на 19 век. Ако Скопје расте во висина и широчина, дотолку повеќе му требаат повеќе јавни отворени простори. Актуелната пандемија уште повеќе го покажа тој недостаток“,
велат од граѓанските организации.
Кои се аргументите на граѓанските организации
Во повикот до Заев, граѓанските организации и универзитетските професори наведуваат и низа аргументи зошто треба да се спречи изградба на предвидениот проект со висококатници во строгиот центар на Скопје.
Како прв го наведуваат тоа што ДУП, кој беше под мораториум, а Уставниот суд во укина, не е усогласен со ГУП, кој според закон е од повисок ранг. Понатаму се наведува и тоа најгусто населените градови во светот имаат густина од 120 000 жители на еден квадратен километар, а со предвидениот проект густината во тој дел на Скопје ќе биде двојно поголема, а со тоа и нехумана.
„Потребното паркирање за станбените и комерцијални површини предвидени во спорниот ДУП го надминува капацитетот на просторот за 3,5 пати. При паркирањето е во две подземни нивоа, а сите возила треба да влезат преку улицата ’Мирче Ацев‘ и тоа само преку еден влез кој истовремено е и главниот влез во јавниот простор. Планот со 100-процентна изграденост на парцелите при дозволени максимум 70% за парцели во кои има домување, не е во согласност со Законот за урбано зеленило кој побарува барем 20% озеленување во парцелата“,
се дел од аргументите наведени во јавниот повик.
Очекувањата на невладините организации се сите повикани да се изјаснат во најкус рок и да дадат поддршка за нивните барања, да се суспендира ДУП, а со новиот да се води сметка за јавниот интерес и на тој начин да се заштити животот и здравјето на граѓаните, психичкото здравје, социјализацијата итн.
„Планот мора да покаже почит кон околното градителско наследство: концептот на ’Градски ѕид‘ и потковицата која ја оформува по текот на ‘Голем ринг’, комплексот банки, ’Градскиот трговски центар‘, ’Домот на синдикатите‘ – објекти кои се бисери на модерната во Скопје. Овој простор не функционира како засебен остров. Планот мора да ја почитува и воспоставената пешачка оска од ’Транспортниот центар‘ до ГТЦ и да ѝ даде нова артикулација. Планот треба да се базира на принципите на градови за луѓе, да предвиди живи јавни простори, широки пешачки патеки, широки велосипедски патеки, убави големи дрвореди. По текот на пешачките оски планот треба да понуди јавни простори и соодветни јавни содржини кои му недостасуваат на градот. Планот не смее да создаде дополнителни сообраќајни проблеми и точки на застој на автомобилскиот сообраќај“,
очекуваат граѓанските организации.
Целиот јавен повик можете да го прочитате ТУКА.