Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес-конференција порача дека ако не се постигне договор за датум за избори, тогаш тие ќе се одржат на 21 јуни бидејќи тогаш е предвидено со Уставот и законите.
Тој вели дека по завршувањето на вонредната состојба на 30 мај, продолжуваат да течат 22 дена за одржување на изборите, па затоа ако некој сака да ги одложи, мора да каже како по Устав и закон да се направи тоа, а не да има неуставно одложување на изборите, па потоа секој да може да ги оспори изборните резултати и тие да паднат пред Уставниот суд.
Заев очекува во наредниот период од 7 до 10 дена, односно додека заврши вонредната состојба на 30 мај, партиските лидери да најдат заеднички прифатливо решение.
„Ако не најдеме решение, законот предвидел како се решаваат сите детали. Како продолжуваат замрзнатите рокови, како се пополнува списокот со оние што наполниле 18 години до денот на гласање. Уште еднаш напоменувам, се гласа со лична карта и патна исправа. Секој над 15-16 години може да извади лична карта, и да не извади, има патна исправа. Ако по автоматизам Избирачкиот список ги има сите внатре, Избирачкиот список е завршен, јавниот увид е завршен. Во писмото господинот Дерковски го потврдува тоа дека сите постапки се завршени и се прифатливи за завршени и продолжуваат од каде што се застанати. Зошто? Затоа што законот дава решение како да продолжат таму каде се застанати. Не сакам никој тоа да го сфаќа како некој ултиматум. Не, треба да се договориме. Ако не се договориме, да знаат сите дека на 21 ќе има избори со 14 кандидатски листи, ќе се излезе на гласање и верувам дека максимален ќе биде бројот на излезени гласачи“,
порача Заев одговарајќи на новинарски прашања.
Тој повторно зборуваше за вчерашната лидерска средба, посочувајќи дека тие излегле со датум 21 јуни, а поддршка дале ДУИ, ДПА, БЕСА, а Алијансата за албанците излегла со датум 27 јули за да може да гласаат иселениците кои тогаш би се вратиле во земјава. ВМРО-ДПМНЕ, рече, ги даде датумите 23 и 30 август, како и 6 септември, но поради тоа што е продолжен викенд го номинираше и 13 септември.
„Поддршка дадоа генерално сите освен ВМРО-ДПМНЕ, која алудира крај на крајот на лето или почеток на есента“,
рече Заев.
Тој смета дека партиите поднеле кандидатски листи, па затоа не може да има бојкот на изборите, туку бојкот на кампања. Но тоа, како што рече, може да се прави врз основа на дијалог, а за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека само купува време.
Заев потенцираше дека до 21 јуни има уште околу еден месец и затоа сметаат дека треба да се фати првиот бран од падот на епидемијата. Како примери ја посочи и Србија, која на 21 јуни ќе оди на избори, но и Хрватска, која и покрај тоа што има функционален парламент реши да одржи избори од 21 јуни до 12 јули.
Лидерот на СДСМ очекува секој, вклучително и ДИК и претседателот на ова тело, Оливер Дерковски, да го почитуваат законот, а во спротивно рече дека ќе бара одговорност.