Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се осигурани и гарантирани во преговарачката рамка и со тоа прифатени и признаени од ЕУ, а тоа е најважно, порача поранешниот премиер Зоран Заев, во однос на модификуваниот предлог на ЕУ.
„Протоколот што би го потпишале македонската Влада и бугарската Влада го објаснува патот за надминување на отворените прашања кои се решливи. Градењето добри и пријателски односи со соседите е суштински важно за мирот, стабилноста и просперитетот на еден регион како што е Западен Балкан. Затоа, и ние од македонската страна и колегите од бугарската страна, заедно мораме да работиме да ги затвориме отворените прашања“
порача Заев на „Фејсбук“.
Тој оценува дека многу е важно целосно да се сочува националното достоинство на двете страни во разговорите, а македонската страна, како што вели, има политичари кои ќе преземат гаранции и обврски низ тие разговори во иднина целосно достоинствено и конструктивно да ги застапуваат нашите национални интереси.
„Кога се во прашање исполнувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција, уверен сум дека за нас е многу подобро да седиме на маса во европските институции и ние да бидеме тие кои на својот македонски јазик ќе бараме целосно исполнување на двата договори во кои никако не се спори туку се потврдува и македонскиот јазик и македонскиот народ“
пишува Заев.
Многу важно во овој момент, според Заев, е што Бугарија потврдува дека нови билатерални проблеми нема да отвора во иднина и што прифаќа да биде посветена заедно да градиме пријателство и добрососедство.
„Овој предлог веќе е поддржан од цела Европа, а нам искуството не учи дека секој нов предлог веројатно ќе биде потежок за прифаќање. Ако сме искрено за членство во ЕУ, тогаш мегданот е сега, сега тоа треба да го покажеме на дело и час поскоро да го завршиме овој процес“
напиша поранешниот премиер.