Неговата објава не содржи детали за тоа какви мерки ќе бидат преземени или кои земји би можеле да бидат погодени
Американскиот претседател Доналд Трамп најави нова кампања за изолирање на иранската економија, заканувајќи се со „најразорна економска операција“ против секоја земја што му помага или соработува со Техеран, пренесуваат светските медиуми.

Новата кампања тој ја соопшти во објава на неговата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social), а според британски „Гардијан“, ваквиот негов потег, доколку се реализира, би можел да предизвика нова конфронтација со Кина.
„Денес, ја објавувам најразорната економска операција преземена некогаш против која било земја! Секоја земја што им дозволува на своите финансиски институции, бизниси, аеродроми или владини субјекти да обезбедат каква било помош за Иран, ќе се соочи со огромни економски последници“,
напиша американскиот претседател.
Сепак, неговата објава не содржи детали за тоа какви мерки ќе бидат преземени или кои земји би можеле да бидат погодени. Инаку, таа доаѓа во време кога војната со Иран ќе навлезе во шестиот месец откако САД и Израел ги извршија првите напади, на крајот на февруари и сè поголемиот притисок со кој се соочува Трамп околу цената на конфликтот, што може негативно да се одрази врз неговите републиканци на среднорочните избори за Конгресот, што треба да се одржат во ноември.
Минатиот месец, како што потсетува „Гардијан“, американскиот претседател ги прекина нападите врз Иран, по две недели ноќни напади, кои не успеаја да ги вратат официјалните претставници на Техеран на преговарачка маса. Дополнителна главоболка за Трамп се и извештаите дека војната ги исцрпува американските залихи на клучна муниција.
Според пишувањата на медиумите, советниците на Пентагон наводно му соопштиле на американскиот претседател дека САД речиси го исцрпиле списокот на цели во Иран и дека воената кампања ги достигнала границите на својата ефикасност.
Белата куќа во последните недели сигнализираше промена во својата стратегија кон Иран со заострување на економскиот притисок.
Американскиот секретар за финансии Скот Бесент минатата недела изјави дека Соединетите Држави ќе започнат да ги засилуваат напорите за економска изолација на Иран.
Министерството за финансии на САД со месеци спроведува акција наречена „Економски бес“, со цел да го прекине финансирањето на Иран со целни санкции, додека поморската блокада во Ормускиот Теснец треба да го спречи извозот на нафта од иранските пристаништа, што е од витално значење за економијата на земјата.
Инаку, иранската економија веќе се соочува со низа американски и санкции од нејзините западни сојузници кои со години ја кочат способноста на земјата за продажба на нафта. Сепак, експертите велат дека лидерите на земјата научиле да се приспособат на мерките, вклучително и со извоз на нафта преку софистицирана мрежа на т.н. танкери во сенка.
Во своето соопштение, Трамп наведе неколку активности за кои наведува дека треба веднаш да бидат запрени, а кои се однесуваат на шверцот на нафта, линиите за размена, трансферите на готовина, менувачниците, регистри на бродови и компании кои функционираат како параван.
Формулацијата на соопштението на американскиот претседател, според „Гардијан“, сугерира дека заканите би можеле да се однесуваат на воведување секундарни санкции врз земјите што купуваат иранска нафта, но експертите велат оти таков потег би можел да доведе до директна конфронтација со Кина – најголемиот трговски партнер на Иран – во време кога САД се обидуваат да воспостават нов трговски однос со Пекинг.
„Какви и да се новите економски мерки што САД можат да ги користат, ќе треба да бидат насочени кон трговските партнери на Иран“,
вели Грегори Бру, виш аналитичар во „Еуразија груп“, додавајќи дека ќе биде „тешко за САД да насочат такви акции кон Кина, земјата што е најважна за економската иднина на Иран“.
